Заедно со земјоделците ќе најдеме решение за откупната цена на пролетната зелка во потесен круг со претставници на институциите и со претставници на производителите за да ја следиме состојбата и да наоѓаме решенија, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, по денешната средба со претставници на производители на пролетна зелка, кои пред два дена го искажаа своето незадоволството од ниските откупни цени и побаара средба со него.
Министерот Николовски потенцираше дека сакаат да ги знаат состојбите на терен и постојано се со земјоделците, бидејќи, како што рече, тие се најважни за Владата и Министерството, посебно кога се носи Националниот план за храна и како тој да се зголеми. Рече дека не се ангажираат само за увозните гранки, туку и тие кои се извозно оринтирани како што е градинарството.
На средбата земјоделците најмногу забелешки искажаа за работењето на откупувачите.– Сите откупувачи треба да знаат дека мора да работат согласно законските прописи. Мора да ги исполнуваат сите услови и дека не смее да се прави каква било манипулација, ниту при носењето во самите откупни пунктови, ниту со вагите, белешките, со сите останати работи. Ние ќе ги собереме сите информации и Инспекторатот за земјоделство постојано ќе биде на терен, зашто нам ни е битно земјоделците да бидат заштитени. Никој не е привилегиран, не штитиме никој друг освен нашето домашно производство за кое се бориме – подвлече Николовски.
Денешната средба со министерот земјоделците ја оценија како конструктивна.
– Се договоривме во наредните три дена тројца членови од нас земјоделците да имаме во работната група, која ќе ги дефинира конкретните чекори како да се излезе од оваа состојба – рече Драги Памуков, производител од село Куклиш.
На средбата со земјоделците, покрај министерот Николовски, присуствуваа директорот на Инспекторатот за земјоделство, Зоран Шапуриќ, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот разво, Никица Бачовски, шефот на кабинетот на министерот, Трајан Димковски и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.