Пратениците од таканаречената „Огнена група“ во ДУИ нема да ја поддржат новата влада во Собранието, во која ќе влезе Алијанса за Албанците, и ќе гласат против предлогот на премиерот Димитар Ковачевски – изјави потпретседателот на ДУИ Изет Меџити во интервју за Алсат. Меџити смета дека влегувањето на Алијанса за Албанците во владината коалиција не е заради уставните измени, туку за спасување на Артан Груби, најблискиот соработник на лидерот Али Ахмети и неговата група.
– Ова парламентарно мнозинство што се формира, а на кое му е дадено името „Сојуз за Европа“, всушност претставува, а и може да се нарече „Сојуз за спас на Артан Груби“. Не, нема да гласам за него. Ќе бидам против таа Влада. И ќе ги кажам моите ставови и ќе чекам да ги видам програмите на кандидатите за министри – изјави Меџити
Тој нагласи дека особено ќе биде внимателен кон програмата на кандидатот за министер за правда, имајќи предвид дека некои работи кои што ги слушнал, а се поврзани со Алијанса за Албанците, не се во насока на заложбите што особено ги вложи меѓународниот фактор на полето на правдата во Македонија и борбата со корупцијата и криминалот и во тој контекст изнесените критики поврзани со изборот на јавниот обвинител за борба со оргнанизираниот криминал и корупцијата.
Инаку, „огнените“ во парламентот имаат двајца пратеници – Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, но до нив е близок и независниот пратеник Кастриот Реџепи, а како таков се споменува и доскорешниот член на Алтернатива Скендер Реџепи Зејди. Освен Зејда, Алтернатива има уште тројца пратеници.