Вечерва ќе биде познат вториот финалист на европскиот бараж за Светското првенство што на крајот на годината ќе се одржи во Катар, а силите ќе ги одмерат Шкотска и Украина.
Натпреварот кој ќе се игра на Хемпден Парк требаше да се одигра во март, но беше одложен поради руската агресија врз Украина.
Прилично емотивно беше на прес-конференцијата пред овој натпревар, каде со солзи зборуваше играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Олександер Зинченко.
„Разговарав со многу луѓе од различни земји низ светот. Разговарав и со украински деца кои едноставно не се свесни што се случува во Украина. Имаат само една желба – војната да заврши. Децата сонуваат за крајот на војната. Кога станува збор за фудбалот, ние го имаме нашиот сон, а тоа е Светското првенство. Сакаме да му го дадеме на нашиот народ“, рече Зинченко низ солзи.
Победникот од вечерашниот дуел ќе игра против Велс во финалето од баражот на 5 јуни. Натпреварот меѓу Шкотска и Украина можете да го следите вечерва од 20 часот и 45 минути со директен пренос на Спорт клуб.