Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во пристаништето Чорноморск на југот на земјата за да го надгледува првиот утовар на жито според договорот постигнат со Русија на 22 јули.
– Во тек е внесување на првиот товар на првиот брод од почетокот на војната. Се работи за турски брод – рече Зеленски во соопштението за печат на украинското Претседателство, кое објави и видео на кое се гледа тој пред бродот со име Поларнет.
Според украинското претседателство, испораките би можеле да започнат „во наредните денови“ за да се испратат на светските пазари милионите тони жито заглавени во украинските пристаништа од почетокот на војната.
– Ние сме целосно подготвени. Ги испративме сите сигнали до нашите партнери во ОН и Турција, а нашите војници ја гарантираат безбедносната ситуација – рече Зеленски.
Тој додаде дека Киев само чека „сигнал“ од Анкара и ОН да почне.
Испораката на житарки важни за светската безбедност со храната треба да започне со неколку бродови кои не можеа да го напуштат пристаништето поради војната.
Договорот за укинување на блокадата, првиот значаен текст меѓу двете страни од почетокот на конфликтот, има за цел да ја намали глобалната криза со храна, во која цените значително се зголемија во некои од најсиромашните земји во светот.
– За нас е важно Украина да остане гарант за светската безбедност на храната – рече Зеленски, кој беше придружуван од амбасадорите на земјите од Г7.
Украина и Русија се меѓу најголемите светски извозници на житарки. Киев сака да продаде околу 20 милиони тони во вредност од околу 10 милијарди долари според договорот.