Здравствените власти во САД се подготвуваат да ги вакцинираат луѓето кои биле во близок контакт со заболени од мајмунски сипаници, во време кога државата која во моментов има пет веројатни или потврдени случаи на инфекција очекува тој број да се зголеми.
– Сакаме да ја максимизираме дистрибуцијата на вакцини на оние за кои знаеме дека ќе имаат корист -изјави Џенифер Меквистон од Центарот за превенција и контрола на болести.
– Станува збор за луѓе кои биле во личен близок контакт со заболени од мајмунски сипаници, а особено луѓе кои се изложени на ризик да развијат потешка форма на болеста – рече таа на прес-конференција.
Еден случај е потврден во државата Масачусетс, а четири се анализираат, но се сметаат за многу веројатни, еден во Њујорк и Флорида и два во Јута. Сите случаи се кај мажи кои патувале надвор од САД.
Мајмунските сипаници денес беа потврдени и кај нас на Балканот. Во Словенија е регистриран првиот случај, јави Н1 Словенија. Според медиумот, станува збор за маж кој се вратил од Канарските Острови.
Пациентот не бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот медицински центар Љубљана и веројатно може да се констатира дека се работи за полесна форма на болеста. Словенечкиот национален институт за јавно здравје се очекува денеска да објави повеќе информации.