Седуммина руски олигарси, од кои многумина се занимаваат со нафта и гас, починаа под мистериозни околности од почетокот на годинава. Иако постојат сомнежи дека се работи за самоубиства, шпекулациите за вмешаноста на Кремљ сѐ повеќе кружат во јавноста, пишува Дојче Веле.
Ниту еден од починатите олигарси не е познато дека ја критикувал окупацијата на Украина и ниту еден не беше на списоците за санкции од Западот.
„Веројатно некои високи луѓе поврзани со Кремљ сега ги прикриваат трагите на измами во државните компании“, се вели во објавата на страницата на институтот „Русија монитор“.
Пресметките и убиствата на олигарси во Русија не се новост. Во 2017 година Ју-Ес-Еј-Тудеј објави дека најмалку 38 олигарси загинале во рок од три години, што значи од почетокот на војната во Крим. Сега ситуацијата е слична, а војната е многу поопсежна и посериозна. Има ли Кремљ вмешано прсти во новите седум случаи?
Федор Протосења
„Драмата“ започнала на 19 април, во гратчето Лорет де Мар во шпанска Каталонија. Полицијата примила телефонски повик од Федор Протосења, син на руски олигарх, чие семејство поседува вила во областа. Тој пријавил дека со часови се обидувал да ѝ се јави на мајка си од Франција, но никој не кревал телефон. Кога полицијата пристигнала на семејниот имот, ги нашла телата на родителите и сестрата на Протосења.
Полицијата првично претпоставуваше дека неговиот татко, милионерот Сергеј Протосења, ги избодел жените, а потоа се обесил во градината на вилата, но не требаше долго да се појават сомнежите за тој тек на настаните.
Владислав Аваев
Ден претходно, полицијата во Москва, исто така дошла до страшно откритие. Владислав Аваев, уште еден милионер и неговата сопруга и 13-годишната ќерка биле пронајдени мртви во нивниот луксузен стан. Руската државна новинска агенција Тасс објави дека Аваев имал пиштол во раката. Тој е осомничен од властите дека ги застрелал сопругата и ќерката пред да си го одземе животот.
Инцидентите се случиле во рок од 24 часа еден од друг, а претпоставените текови на настаните се неверојатно слични. Згора на тоа, Протосења и Аваев беа и мултимилионери олигарси од највисоките редови на руската нафтена и гасна индустрија. Протосења во еден момент беше заменик-претседател на компанијата за природен гас „Новатек“, додека Аваев беше потпретседател на „Газпромбанк“.
Нивната смрт беше последната во серијата мистериозни смртни случаи на руски олигарси – првенствено од енергетскиот сектор кои се случија од почетокот на годината.
Шулман, Тјуљаков и Мхаил Ватфорд
Кон крајот на јануари, еден месец пред руските трупи да ја нападнат Украина , Леонид Шулман, 60-годишен менаџер на високо ниво во Гаспром , наводно, извршил самоубиство. Потоа, на 25 февруари, Александар Тјуљаков, друг поранешен менаџер на енергетскиот гигант, беше пронајден обесен мртов во неговата куќа во Санкт Петербург. Три дена подоцна, магнатот за гас и нафта, роден во Украина, Михаил Ватфорд, исто така, беше пронајден обесен мртов во гаражата на неговиот селски имот во Сари, јужна Англија.
Мелников
На 24 март, милијардерот Василиј Мелников, шеф на гигантската компанија за медицински набавки „МедСтом“, беше пронајден мртов заедно со неговата сопруга Галина и нивните два мали сина во нивниот повеќемилионски стан во рускиот град Нинжни Новгород. Деталите за нивната смрт се исто така премногу слични со оние на Протосења и Аваев.
Круковски
И конечно, тука е случајот со Андреј Круковски. Овој 37-годишник бил директор на ски-центарот „Краснаја Полјана“, кој се наоѓа во близина на градот Сочи. Се вели дека рускиот претседател Владимир Путин постојано ги канел своите гости да скијаат таму. Според рускиот весник „Комерсант“, Круковски бил на планинарење на 2 мај кога паднал од карпа и починал.