Европската Комисија потврди попладнево дека претседателката на Европската Комисија предложила да и се плаќа помош од милијарда и половина евра месечно на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова го потврди портпаролката, Верле Нејтс, на денешниот редовен брифинг за новинари во Европската Комисија.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен тоа му го рекла на претседателот на Украина Володимир Зеленски утринава преку телефон.
– Таа го информираше дека оваа недела ќе предложи голем финансиски пакет од 1,5 милијарди евра месечно, што изнесува вкупно 18 милијарди евра за да се покријат финансиските потреби на Украина во 2023 – изјави портпаролката.
Освен оваа помош Украина веќе добива вонредна макрофинансиска помош која до крајот на оваа година ќе достигне 6 милијарди евра, а уште три милијарди евра од овој макрофинансиска помош ќе бидат испорачани идната година, рече портпаролката.
Европската Унија исто така испраќа финансиска, воена и хуманитарна помош преку Европскиот мировен фонд од кој досега се исплатени над 3 милијарди евра.
Фото: МИА