Во зоната на специјални воени операции ќе почнат да се користат беспилотни разузнавачки возила „маркер“, кои претходно беа користени за обезбедување на аеродромот Восточни, објави на својот Телеграм поранешниот директор на Роскосмос, Дмитриј Рогозин.
„Маркер” има техничка визија, сопствено огнено оружје и автоматски систем на управување, а може да ги одреди точните координати на непријателот на оддалеченост до 15 километри и да избира цели по приоритет, пренесе агенцијата Спутник.
Според информациите, беспилотното возило го изработиле конструкторите на приватната уралска инженерска компанија „Андроидна техника” во соработка со Фондот за напредни истражувања.
Роботот има сопствена огнена моќ за уништување на непријателски цели, а може да коригира артилериски оган од растојание од најмалку 15 километри. „Маркер“ е подготвен за сите задачи во електронското војување, поради својот напреден систем за автономна контрола.
„Маркер“ работи на дизел гориво. Ниската потрошувачка, 3 литри на 100 километри, е обезбедена од модерен хибриден погон и од домашниот високоефикасен електромотор, специјално направен за роботот, кој додава уште еден час движење на батериите.
Роботскиот систем тежок околу 3 тони може да биде опремен со различни оружја, тешки митралези и противтенковски ракети.
Тој робот прв пат беше прикажан на јавноста во Магнитогорск во 2019 година. Уредот беше претставен на полигонот за роботски технички системи и комплекси. Може да се контролира со радио, но може да работи и автономно.
Експертите проценуваат дека „Маркер“ ќе биде употребен во борбите кај Бахмут.