Владата подготвува закон за системот на плати во јавен сектор кој треба да биде готов во февруари следната година.
Целта на законот е да се воспостави единствен систем на пресметка на платите во јавниот сектор, односно да се воспостави единствена методологија за пресметка на платите.
Синдикатите се револтирани поради тоа што не се вклучени во изготвувањето на рамката и текстот на документот. Тие велат дека како социјални партнери треба да знаат што ќе содржи законското решение и колку тоа ќе влијае на загрозување на правата на вработените во јавниот сектор.
Според нив, постапката дека известувањето за законот е објавено 2 дена пред Нова година покажува дека Владата има намера во хаосот од празници да протне решенија кои ќе бидат на штета на вработените во јавен сектор.
Досега слушавме само најави дека ќе се носи нова методологија за пресметка на платите која се предвидуваше со новиот концепт за реформи, но излезе дека тоа ќе биде закон кој ќе ги регулира платите во сите сектори.
Моментално, пресметката и исплатата на платите во институциите од јавниот сектор се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институции дури и со правилници.
„Евидентно е дека не постојат јасни правила и изедначена Методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост“, се вели во образложението на Владата за потребата од донесување на законот.
Претседателот на Синдикатот на управата и правосудството (УПОЗ), Трпе Деаноски, вели дека Владата со овој закон покажала дека нема намера да ги консултира засегнатите страни бидејќи на законското решение работела од 1 ноември, а тие како претставници на работниците не учествувале во тие подготовки.
– Колку што знам информација за законот поминала на Владата, но ниту еден синдикат нема информација дека се подготвува едно вакво законско решение веќе цели 2 месеца. Досега слушавме само најави дека ќе се носи нова методологија за пресметка на платите која се предвидуваше со новиот концепт за реформи, но излезе дека тоа ќе биде закон кој ќе ги регулира платите во сите сектори. Ние не знаеме што сѐ планира да има во тој закон и какви решенија за платите ќе нуди, но веќе ни е јасно дека текстот веќе е подготвен без синдикатите, што говори дека залудно Владата се удираше в гради за транспарентност и дијалог со социјалните партнери при носење на законски решенија кои се од значење за работниците – вели Деаноски.
Деаноски посочува, ако синдикатите немаат никакво учество во подготовката на овој суштински закон, тогаш нема да имаат можност ниту преку јавната расправа, ниту преку предлози да го изменат она што го наумила Владата.
И претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски вели дека синдикатите не знаат за подготовките на овој закон.
– Да имаше предложен концепт за реформи на методологијата за пресметка на плати на неколку странички, но никој не нè информира дека се подготвува законско решение. Јас бев на средба со министерот за информатичко општество на 1 декември, но за подготовка на ваков закон не бев информиран. Да бидеме отворени, штом ден пред Нова година се објавува на ЕНЕР дека се подготвува закон веќе два месеци, а за тоа не знаат синдикатите, тоа значи дека нешто лошо му се подготвува на работникот, а синдикатите не треба да видат за да не реагираат – вели тој.
Како синдикати секогаш бараме да бидеме вклучени во подготовката на текстот на секој закон кој ги засега работниците, а ова е таков закон
Јаким Неделков од Синдикатот за образование смета дека ваквиот начин на донесување на законско решение не носи добро ниту на социјалниот дијалог ниту, пак, на работниците и владата.
– Како синдикати секогаш бараме да бидеме вклучени во подготовката на текстот на секој закон кој ги засега работниците, а ова е таков закон. Ако ние ги дадеме предлозите и мислењата во процесот на донесување на законот ние ќе го одобриме тој закон пред да оди на јавна расправа, а тоа ќе значи и помалку проблеми за владата да го објасни новото законско решение. Спротивно на ова кога ние сме принудени да даваме предлози на подготвен текст на законот, многу е тешко да се изменат одделни делови, а донесувањето на законот ќе се проблематизира – вели Неделков.
Според тоа што го содржи известувањето за подготовка на законот, објавено на електронскиот систем за јавни прописи (ЕНЕР), на него се работи од 1 ноември годинава, а треба да биде завршен до 15 февруари следната година. Во подготовката на законот засегнатите страни ќе се вклучат преку јавни расправи, групи и предлози.
Законот го подготвува Министерство за информатичко општество и администрација.
Синдикатите и владата дојдоа во судир откако владата одби да ги усогласи платите во јавниот сектор со минималната плата и ја стопира примената на колективните договори во дел од секторите.