Хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо ќе настапи на тридневниот музички настан во Македонска Камаеница кој ќе се одржи од 26 до 28 август.
„Еден од најпознатите хрватски изведувачи, текстописци, кантавтори и композитори, човек кој во богатата кариера соработува со сите популарни балкански музичари и е добитник на сите музички награди во регионот, доаѓа во Македонска Каменица“, најавија од Општината.
Покрај Грашо, најавено е учество и на повеќе македонски и регионални музички имиња. Настанот ќе го отвори Џамбо Агушев со неговиот оркестар, потоа ќе настапат Нокаут и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд како и Љубојна, Ареа, Ѓоко Јовиќ и Енерџи бенд, Brass Brothers и културно-уметнички друштва од Македонија, Бугарија и Србија.
По драмата која се случуваше со учеството на српскиот турбо-фолкер Аца Лукас, и преписките Министерство за култура – градоначалник на Крива Паланка Сашко Митовски, решена е дилемата. Лукас ќе настапи во Крива Паланка, на настанот кој се организира во чест на Денот на рударите, како и по повод 29 август, прославата на патрон-празникот на градот и чествувањето на светецот-закрилник на оваа општина, Јоаким Осоговски.
Медиумите објавика и дека причина за недоразбирањата е и наводната грешка на менаџерскиот тим на Аца Лукас, кој на ист датум му закажал настап на две локации, во Македонска Каменица и Крива Паланка.