Во Основниот Кривичен суд Скопје непосредно пред денешната расправа за случајот „Ласкарци” пристигна вештиот наод од Бирото за вештачење и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители. Судењето продолжува на 24 јануари со формално отпочнување од почеток, заради проток на подолг временски период, по што ќе започне со сослушување на вештите лица кои го изготвиле наодот.
Супервештачењето кое Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс”, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата кој започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.