Земјите-членки на ЕУ повеќе нема да смеат да увезуваат јаглен од Русија по преодниот период кој завршува во среда на полноќ.
Ембаргото е дел од петтиот пакет санкции што ЕУ го договори во април и ќе стапи на сила од четврток па натаму.
Земјите од ЕУ се договорија за преоден период од 120 дена за да и дадат време на индустријата да се прилагоди на забраната за увоз. Целта е да се ослабне руската економија во средината на нејзината инвазија на Украина.
Во април, Европската комисија објави дека ембаргото за јаглен може да ја чини Русија околу 8 милијарди евра годишно.
Ембаргото за јаглен на ЕУ беше првата енергетска санкција на Русија. Во подоцнежниот пакет, Европската унија го забрани увозот на руска нафта за да го зголеми притисокот врз Москва.
Ембаргото за нафта треба да стапи на сила на крајот на годината, со исклучоци за неколку земји кои се особено зависни од руската нафта. Тука спаѓа и Унгарија, на која ќе и биде дозволено да продолжи да испорачува нафта преку цевководи од Русија.
Рускиот оператор на нафтоводот Транснефт во вторникот објави дека е запрен транспортот на нафта од Русија за Унгарија, Чешка и Словачка.