Ново истражување покажа дека луѓето кои не консумираат месо имаат двојно поголема веројатност да доживуваат епизоди на депресија, во однос на оние кои јадат месо.
Вегетаријанството е дефинирано на различни начини, при што некои луѓе внесуваат млечни производи и јајца, а други не. Веганите, на пример, воопшто не јадат животински производи, па дури ни мед. Заедничката нишка за овие две групи е избегнувањето месо.
Експерти сметаат дека „недостатоците на хранливи материи не се објаснение за оваа поврзаност“, но некои не се согласуваат со тоа. Хранливите материи кои се наоѓаат во говедското месо, на пример, како железото, витамини Б, цинк и протеини – помагаат во работата на мозокот и може да бидат корисни за спречувањето депресивни епизоди.
– Секогаш кога некој поединец ќе ја исклучи цела група на храна, во овој случај изворите на протеини и масти, а не ја замени со подеднакво нутритивно-соодветни опции, тоа ќе влијае на низа системски и физиолошки функции како што е когнитивното здравје. Други фактори коишто би било важно да се проценат, вклучуваат и тоа – дали лицето се чувствува изолирано или исклучено од другите во однос на нивниот избор на исхрана – вели Моник Ричард, претставничка на Академијата за исхрана и диететика во Чикаго, Илиноис, САД.
Според познавачите, без оглед дали со или без месо – важно е да се следи здрава, висококвалитетна шема на исхрана богата со овошје, зеленчук, зрнести плодови и посни протеини.
– Клучот е да се јаде разновидна храна богата со хранливи материи, како и да се ограничат додадените шеќери, масти и натриум. Витамините Б може да се најдат во збогатените житарки, а Б-12 и во рибата, јајцата, месото и млечните производи. Повеќето луѓе кои не јадат месо ќе треба да земаат додаток Б-12 – објаснува проф. д-р Мери-Џон Луди.
Цинкот може да игра улога во ендокрините патишта и хормоните во нашето тело. Иако главно се наоѓа во црвеното месо и одредени морски плодови, цинк може да се најде и во јаткастите плодови, интегралните житарки, збогатените житарки и млечните производи.
Магнезиумот е одговорен за активирање на повеќе од 300 ензимски системи што играат важна улога во функционирањето на мозокот.
– Ниското ниво магнезиум може да доведе до воспаленија, нерегулација на оксидативните патишта, па и да предизвика оксидативен стрес и да го наруши ослободувањето на серотонин, допамин, норадреналин – рече нутриционистката.
Освен тоа, недостатокот на селен може да предизвика дисфункција на тироидната жлезда, воспаление, оксидативен стрес и нерегулација околу расположението, за што се одговорни хормоните серотонин, допамин и норадреналин. Селен главно се наоѓа во морската храна, месото, јајцата и рибата, но може да се најде и во лебот и житариците.
За крај, доколку постојат сомнежи во исхраната, најважно е да се направи консултација со лекар, во овој случај регистриран – диететичар нутриционист, заради подобро планирање балансирана исхрана.
Фото: Unsplash