Ноќеска НБА потврди дека Никола Јокиќ официјално е добитник на наградата за најкорисен играч во сезоната што е второ вакво признание во низа за српскиот репрезентативец, пренесе Кош.мк.
Со оглед на тоа што Денвер ја заврши сезоната, а Јокиќ се врати во родниот Сомбор, требаше да се најде начин како да му биде врачена наградата и да се одбележи моментот. Раководството на Нагетс, во договор со семејството на кошаркарот смисли оригинално доделување.
Делегација предводена од тренерот Мајк Мелоун во текот на вчерашниот ден допатувала во Србија, ги подготвила сите детали и се појави пред ергелето на фамилијата Јокиќ. Кога Никола дојде, со своите коњи, не можеше да верува што се случува, па заплака. Покрај фамилијата и претставниците на Нагетс, присутен беше и менаџерот Мишко Ражнатовиќ, а дополнителен шмек на церемонијата даде тамбурашкиот оркестар кој изведуваше песни карактеристични за крајот од каде што е Јокиќ.
Трофејот што го доби 27-годишниот центар е составен од цврста кристална кошаркарска топка и содржи 3Д врежано лого НБА 75.