More

    Бугарија испишува „црна листа“, а во неа македонски новинари, политичари, професори…

    spot_img

    „Бидете сигурни дека ќе бидат активирани сите европски механизми, така што ќе може да се заврши оваа анти-бугарска омраза и хистерија”. Ова во вторникот го изјави бугарскиот претседател Румен Радев како реакција на инцидентот што се случи во Охрид во кој беше истепан секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис“ Кристијан Пендиков.

    Официјална Софија со нетрпение го чекаше новиот ден за да ни се закани со ново спуштање на рампата и со нова блокада на патот на Македонија кон зачленување во европското семејство, а беше повлечен и бугарскиот амбасадор од Скопје.

    Ваквите потези, несомнено, можат да се сметаат за искористување на дел од европските механизми што ги најави бугарскиот претседател, но тоа што во моментов најмногу ја интересира македонската јавност е што сѐ се подготвени соседите да направат и што уште можат да сторат за да ни наштетат во процесот на преговори со ЕУ?!

    Дали навистина постои бугарска „црна листа“ за македонски новинари, политичари и професори на кои ќе им биде забранет влезот во Бугарија оти „работат против бугарските интереси“?

    „Новинари, људи, незнани и знани“

    Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо вели дека дефинитивно постои бугарската „црна листа“ и дека ние допрва ќе се соочиме со бугарската суровост.

    – Вазалската политика на нашите неспособни политичари си го зема данокот. Постојано ја веднат главата, никогаш немаат став, секогаш се правдаат и на крајот, кога некој ќе намириса дека може да оди до крај, тогаш тој без проблем оди до крај. И ова беше нормален редослед на бугарските барања. Во ниеден момент не покажавме јасен став до каде може да се оди, туку постојано им попуштавме на соседите. Јас веќе наслушнав, па имам целосно право да верувам дека постои бугарска „црна листа“ на која се наоѓаат имиња и презимиња од Македонија. Новинари, професори, политичари од Македонија, за кои Бугарија смета дека работат против бугарските интереси, нема да можат да стапнат на бугарска територија. На проблемите им нема крај. Прво, ова е еден силен притисок за да се внесат Бугарите во македонскиот Устав, а кога ќе се случи тоа, тогаш ќе ни испорачаат нови барања – ќе бараат раководни позиции, поголеми права и сл. Инфилтрирањето преку маргинални типови како лидерот на ГДУ и истепаниот охриѓанец Кристијан Пендиков, кои, всушност, се тотално нереализирани личности, ќе го има сѐ почесто и почесто, оти луѓето го прават тоа од економски причини, а не од љубов кон Бугарија – посочува Пекевски.

    Тој вели дека големо изненадување претставува молкот од европската заедница.

    – Изненаден сум од молкот на Европа за сето она што ни го приредува Бугарија. Но, веројатно и тука постои некаков договор во стилот: „решете си го вие билатералниот проблем, па подоцна ние ќе се вклучиме“. Како и да е, за нас сега веќе е премногу доцна за решение. Кога ние толку долго време ја ведневме главата и дававме, дававме и само дававме, сега веќе се соочуваме со некој кој е навикнат само да зема, зема и само да зема. Сѐ додека немаме национална стратегија и сѐ додека не ги исцртаме црвените линии, сѐ до тогаш нема да можеме да знаеме кои се следните чекори – објаснува Пекевски.

    Провидни, жални и смешни

    Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека сите механизми се во игра, вклучително и ставање ново вето, но како што објаснува, таквиот потег на Бугарите би претставувал минирање на т.н. француски предлог, кој беше поддржан од целата Европска Унија, но и од високата надворешана американска дипломатија.

    – Уште тогаш велев дека Бугарија за ветото ќе плати висока политичка цена, бидејќи беше вето на практика на американските интереси на Балканот, а во корист на руските. И ете, денеска Хрватска стана членка на шенген и евро-зоната, а Бугарија која 6 години пред Хрватска влезе во Унијата, не ја пуштија во шенген слободниот простор поради „неисполнети” критериуми. Односно, Бугарија доби вето од Холандија и од Австрија. Политичката криза и петтите парламентарни избори по ред напролет кои треба да се одржат во Бугарија се исто така „американски подарок” за ветото, но тоа ретко кој има интелектуален капацитет и свест да го сфати, исто како што беше тешката финансиска криза во Грција после ветото во Букурешт од Дора Бакојани и Костас Караманлис кон Џорџ Буш помладиот. Американците секогаш го наплаќаат долгот, Бугарите сега го плаќаат на рати, несвесно, а со овие „политики” изгледа ќе го мултиплицираат својот долг кон Американците. Непоимливо е земја-членка на НАТО и ЕУ, во очите на Американците да игра за руските интереси, особено смешна земја како Бугарија. Затоа сметам дека ново вето ќе биде многу тешко да стават во моментов, но не ја исклучувам и таа можност, бидејќи одамна нема грам разум во политиката на Бугарија кон Македонија и нејзината евроинтеграција – објаснува Атанасоски за Плусинфо.

    Атанасоски: Со ова Бугарија ги лечи своите историски комплекси и фрустрации за воените порази низ историјата во однос на обидите за припојување на македонските земји во националниот и државниот состав на Бугарија

    На прашањето колку далеку може да оди Бугарија и на што сѐ е спремна да направи контра Македонија, Атанасоски вели дека треба да очекуваме постојани провокации, изјави против националниот идентитет на Македонците, историскиот легитимитет и посебноста на јазикот.

    – Отворањето на т. н бугарски културни клубови од „македонски Бугари”, со најконтроверзни имиња, кои имаат за цел да ја хистеризираат овдешната јавност, да предизвикаат реакции на насилство од наши граѓани, кои потоа ќе бидат претставени како генерално јавно мислење и поведение пред телата на ЕУ дека Македонија е протофашистичка земја, која не ги почитува елементарните човекови права на бугарското малцинство, дека тоа е под репресии и прогонувано и дека таква земја не смее да влезе во ЕУ. Претерано се провидни, жални и смешни, кога веќе го одбрале тој пат, барем малку стил да покажеа, а не вака на очиглед на сите, јавно да се посрамотуваат плаќајки несреќници кои порано биле антички Македонци, сега да ја играат улогата на професионални репресирани Бугари. Во поглед на бугарската „црна листа“, искрено се надевам и ќе ми биде чест и задоволство доколку и моето име и презиме бидат впишани во неа. Едноставно, Бугарија сама го одбра патот на мултиплицирање на омразата во Македонија, нашиот територијален интегритет, суверенитет и национален бит, и оваа политика, кон нас, може само да нѐ хомогенизира уште повеќе како нација, а за жал ќе ја направи омразата од Македонците кон Бугарите за век и векови. Тоа се должи на налудничавата, антиевропска и антицивилизациска политика на една земја-членка на ЕУ кон нејзиниот помал сосед-аспирант за членство. Едноставно, со ова Бугарија ги лечи своите историски комплекси и фрустрации за воените порази низ историјата во однос на обидите за припојување на македонските земји во националниот и државниот состав на Бугарија. Што е најинтересно, вината не ја бараат во себе и за тие порази, туку нам ни наметнуваат чувство на вина, дека ние сме виновни што сме „одродени Бугари” и што денеска не ги „обичаме“. Во тотална научна, историска, општествена, политичка и социолошка шизофренија се наоѓааат кон т. н. македонско национално прашање – објаснува Атанасоски.

    Радев: Тест за институциите во Скопје

    Сега разбирате зошто толку многу се борев за правата на македонските Бугари, запраша бугарскиот претседател Румен Радев откако претходно рече дека ќе се активираат сите европски механизми, за да заврши, како што вели, анти-бугарската омраза и хистерија.

    – Македонските Бугари мора да бидат заштитени во Уставот на Република Северна Македонија и ова треба да биде предуслов за започнување на преговорите со ЕУ. Значи, Република Македонија не започна преговори. Сè уште не ја имаат отворено вратата на просторијата каде што се водат овие преговори. Очекувам да докажат институциите на Република Северна Македонија, не само дека не се дел од анти-бугарската кампања, ова веќе не е доволно, крајно време е тие да докажат дека активно се борат против оваа кампања. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе бидат активирани сите европски механизми, така што ќе може да се заврши оваа анти-бугарска омраза и хистерија – рече Радев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img