Поранешната белоруската пливачка Алијаксандра Херасименија е осудена во отсуство на 12 години затвор во Белорусија поради „создавање екстремистичка формација”, соопшти вчера организацијата за човекови права „Виасна”.
Херасименија (36), освојувачка на сребрен и бронзен медал на Олимписките игри (2012, 2016), судот во Минск ја прогласи за виновна, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на „Виасна” во кое се прецизира дека судењето почнало на 19 декември.
Според невладината организација, поранешната пливачка, која се повлече од спортот во 2019 година и живее во егзил, исто така е прогласена за виновна за „повикување на санкции против Белорусија” и „ширење лажни информации за настани” во земјата во 2020 година.
Таа година, за време на невидените протести против оспорениот реизбор на претседателот Александар Лукашенко, на власт од 1994 година, Херасименија потпишала отворено писмо, заедно со други белоруски спортисти, повикувајќи на „слободни избори”.
Во тој процес, таа ја создаде Фондацијата за спортска солидарност на Белорусија (БССФ), организација која обезбедува финансиска и правна помош за белоруските спортисти кои се цел на властите. Белоруските власти ја препознаваат како „екстремистичка формација”.
Во април 2021 година, таа го даде на аукција нејзиниот златен медал освоен на Светското првенство во 2012 година за 13.500 евра за да собере средства за поддршка на опозициските спортисти. Белоруските власти повеќе од две години вршат репресија, а речиси сите опозиционери се затворени или протерани во егзил.