Реал Мадрид до крајот на летниот преоден рок нема да ангажира веќе нови играчи, најави тренерот на актуелниот шпански и европски првак Карло Анчелоти.
– Екипата е „заклучена“, имаме многу играчи. Имаме подобра екипа отколку минатата сезона. Исто така, и интензитетот на тренинзите е зголемен, изјави Анчелоти по вчерашното „Ел Класико“ во Лос Анџелес.
Од друга страна, тренерот на Барселона, Чави Ернандез, најави дека каталонскиот клуб во следните денови би можел да ангажира нов стопер во екипата.
– Колку повеќе ги имаме, толку подобро, бидејќи оваа сезона ќе имаме многу натпревари, а, исто така, тука е и Светското првенство во ноември и декември, изјави Чави.
Пред прес-конференцијата на двајцата тренери се одигра пријателски натпревар пред 62.000 гледачи на „Алиџиент стадион“ во Парадајс, во американската сојузна држава Невада, каде што фудбалерите на Барселона го совладаа Реал Мадрид со 1-0.
Единствениот гол го постигна Рафиња во 27 минута, во натпревар во кој првото полувреме донесе одличен фудбал, а во продолжението интензитетот беше разводнет поради бројните замени во двете екипи.
Во составот на Карло Анчелоти се претстави Орелиен Чуамени, кој дојде од Монако, а шанса доби и Антонио Рудигер, кој го засили Реал од редовите на Челзи. На спротивната страна за Барселона дебитираше засилувањето од Баерн Минхен, Роберт Левандовски.
Следниот натпревар на Реал во рамки на американската турнеја е на програмата на 27 јули против Клуб Америка во Сан Франциско, додека на Барселона и претстои дуел против Јувентус истиот ден во Далас.