Чекав тесното раководство на партијата да донесе одлука со која ќе се подобри досегашното едноумие во партијата, но тие со последните одлуки, го продлабочија тоа едноумие, поради што неизбежна беше мојата одлука за независно политичко делување. Сум бил и продолжувам да бидам поборник на демократизација на политичките партии, а не истите да станат легла на приватни групи, изјави пратеникот Скендер Реџепи – Зејди за Новатв.
Реџепи вели дека одлуката да ја напушти Алтернатива не била лесна, но дека била неминовна. Тој вели дека нема друга заднина во неговата одлука и дека со никого не се консултирал, туку проценил дека се истрошени сите чекори за враќање на демократските вредности во Алтернатива.
Од Алтернатива му порачаа – ако има морал, да го врати пратеничкиот мандат, кој го добил, како што велат, благодарение на партијата, во името и под логото на Алтернатива.
Во партијата сметаат дека е индикативно повлекувањето на Реџепи во моментот кога македонската опозиција организира протести против парламентарното мнозинство.