More

    Законот за солидарен данок е спротивен на неколку членови од Уставот

    spot_img

    Колку е солидарен и дали со неговата примена се повредува Уставот се прашањата кои се поставуваат по излегувањето во јавност на предлог-законот за данок на солидарност. Законот го предложи како антикризен еднократен и израз на солидарност на компаниите, Владата и од неодамна е во итна собраниска процедура. Моментално е во второ читање во матичната Комисија за финансирање и буџет каде што се чека тој да биде усогласен со засегнатите страни и научната јавност, па да може да се дискутира за него.

    Прашањето за неуставност на законот, според бизнисмените, се наметнува со фактот што Законот треба да се применува ретроактивно за годината во која компаниите веќе поднесоа завршни сметки. Законски краен рок за поднесување завршни сметки е 29 февруари за хартиена форма и 15 март за електронска форма. Акционерските друштва, пак, завршните сметки ги носат уште во јануари.

    Законот, исто така, исклучува дел од компаниите од опфатот со овој данок, што исто така е проблематично во однос на еднаквоста во солидарноста и како спорно се наведува правото на профит и дивиденда.

    Бизнисот не сака нееднакви и ретроактивни закони

    Според експертите и бизнис асоцијациите, законот е во спротивност на членот 52 став 4 од Уставот, кој точно кажува дека законите не може да имаат ретроактивно дејство (данокот ќе се плаќа за добивка остварена во 2022 година) и според член 59 став 2 од Уставот каде што правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис, односно не може да се загрозува остварувањето на правото на добивка.

    – Чекаме да ни го достават текстот на законот па да можеме да одлучиме дали ќе го оспориме пред Уставниот суд. Очигледно е неуставен, но многу поважно е тоа што компаниите веќе ги донесоа завршните сметки, акционерските друштва уште во јануари, а другите до крај на февруари. Овој издаток на компаниите не е влезен во овие сметки, што значи законски тие нема да можат да го платат овој данок. Акционерските друштва донесоа и одлуки за распределба на добивката и за дивидендата што исто така е право кое е загарантирано со Уставот. Како ќе биде тоа решено со законот кој уште е во Собрание, не знам, но мислам дека вакви неподготвени, без јавна расправа и мислење на засегнатите законски решенија одамна веќе сме кажале дека се лоши за бизнисите – вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата.

    ЧЕКАМЕ ДА НИ ГО ДОСТАВАТ ТЕКСТОТ НА ЗАКОНОТ ПА ДА МОЖЕМЕ ДА ОДЛУЧИМЕ ДАЛИ ЌЕ ГО ОСПОРИМЕ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД. ОЧИГЛЕДНО Е НЕУСТАВЕН, НО МНОГУ ПОВАЖНО Е ТОА ШТО КОМПАНИИТЕ ВЕЌЕ ГИ ДОНЕСОА ЗАВРШНИТЕ СМЕТКИ, АКЦИОНЕРСКИТЕ ДРУШТВА УШТЕ ВО ЈАНУАРИ, А ДРУГИТЕ ДО КРАЈ НА ФЕВРУАРИ.

    Миле БошковБизнис конфедерација

    Бошков смета дека овој закон не е ниту во согласност со Законот за данок на добивка.

    – Не се знае дали овие компании сега ќе бидат двојно оданочени за добивката што ја оствариле во 2022 година. Еднаш до 10 отсто и плус 30 отсто за солидарност. Од сето ова се гледа дека законот се носи со задоцнување и многу ќе ги погоди компаниите и нивните акционери, а сето тоа поради фактот што и овој пат никој не го слушна мислењето на бизнисот и се носи во последен момент без да се почитува даночниот календар. Сето ова ќе се одрази и на инвестициите кои компаниите ги планирале за годинава, бидејќи дел од парите ќе одат за плаќање на овој данок – додава тој.

    И бизнис заедниците ќе го чекаат донесувањето на законот пред да одлучат дали ќе го обжалат на Уставен суд. Се надеваат дека во периодот до неговото донесување ќе се прифатат дел од нивните забелешки.

    Нема оправдување за ретроактивноста на законот

    Добри познавачи на уставното право велат дека иако законот сè уште не е донесен со фактот што предвидува ретроактивно дејство на обврската на компаниите ќе биде проблематичен за уставните судии.

    – Решението што се предлага во Законот кој е во собраниска процедура секако се коси со Уставот кој е јасен дека законите не можат да важат ретроактивно, со еден исклучок, ако тоа дејствие е поповолно за граѓаните, што во овој случај не е поповолно решение. Според тоа ако се поведе постапка пред Уставниот суд за ова законско решение тоа ќе биде проблематично бидејќи претставува директна спротивност на Уставот – вели експерт.

    Според него, бидејќи не е донесен законот за да се виде конкретно какви привилегии ќе се скратат за одделни даночни обврзници, монетарно не може да се утврди дали и во делот на заштита на капиталот и добивката има прекршување на член од Уставот.

    Според бизнисмените и правните експерти, законот се коси и со правото на еднаквост и рамноправност на правните субјекти како даночни обврзници, бидејќи исклучува дел од компаниите кои се формирани во текот на 2022 година, а тоа се компании од енергетскиот бизнис кои во екот на енергетската криза остварија и највисоки приходи.

    Не е добро да се носи законско решение ад хок и да се стават компаниите пред свршен чин без да им се даде можност да ги планираат расходите.

    Бојан СтојаноскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

    Претседателот на собраниската Комисија за финансирање и буџет Бојан Стојаноски вели дека има начин да се одбегне законското решение да биде неуставно.

    – Тоа може да се уреди со амандман, но за тоа прво власта треба да биде заинтересирана да се спроведе овој закон и да го предложи тој амандман – вели Стојаноски.

    За него многу е попроблематично тоа што законот се носи без да има јавна расправа во која ќе учествуваат засегнатите страни, стручната и научната јавност.

    – Не е добро да се носи законско решение ад хок и да се стават компаниите пред свршен чин без да им се даде можност да ги планираат расходите. Законското решение што треба да го донесеме треба да биде издржано, а не да создава сива економија и да ги мотивира компаниите да изнаоѓаат начини како да одбегнат да платат данок. Во случајов да се пререгистрираат бидејќи законот не ги опфаќа регистрираните во последната година. Да потсетам само Стопанската комора имаше 3 клучни забелешки за кои бараше усогласување. Сигурно и другите имаат забелешки. Дополнително се наметнуваат и две дилеми зошто данокот не ги опфаќа новооснованите компании и зошто прво владата не е солидарна, односно не ги намалува трошоците па потоа да бара компаниите да бидат солидарни и да и помогнат – вели тој.

    Стојановски, како што вели, чека законот прво да се усогласи со засегнатите и ќе свика седница на Комисијата.

    – Ние како партија ќе поддржиме секаква даночна реформа која е усогласена со засегнатите и стручната и научната јавност – додава тој.

    Владата гледа оправдание во општествената одговорност на компаниите

    Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, смета дека солидарниот данок е во согласност со Уставот, затоа што општествената одговорност е една уставните одредби. Тој посочи дека ова е еднократно решение и се препорачува и од ЕУ.

    Образложението на власта за наметнувањето на овој данок е дека компаниите што поради неочекуваните околности оствариле вишок профит треба пропорционално да придонесат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.

    „Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра-профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија). Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање програма за мерки за справување со кризата“, објасни Владата.

    Според Законот на данокот за солидарност него ќе го плаќаат даночните обврзници на данокот на добивка во согласност со Законот за данокот на добивка, кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. (10 милиони евра). Исклучок се фирмите што почнале да работат во 2022 година, освен ако почнувањето на дејноста е резултат на извршената статусна промена, или пак ако фирмата престанала со вршење на дејност без да изврши статусна промена.

    Стапката на данокот за солидарност изнесува 30%. Споредбен период се 2017, 2018, 2019 и 2021 година, а финансискиот резултат од 2020 година не се зема предвидкако особено кризна година.

    Во законот има предвидено две опции. Во првата се оданочува екстра профитот, а тоа е сè она што е остварено како добивка поголема од 20% во 2022 година споредено со просекот од 2017, 2018, 2019 и 2021. Во вториот случај ако просечната добивка за 2021 и 2022 година е пониска од онаа на 2022 година, тогаш споредбата се прави со просек од три години: 2017, 2018 и 2019 година.

    Даночната обврска за данок за солидарност настанува со доставување на даночниот биланс за оданочување со данок на добивка до Управата за јавни приходи.

    Фирмите што нема да поднесат пресметки за солидарниот данок, во зависност од големината, ќе бидат казнети со глоба од 3.000 евра до 10.000, а казната за одговорното лице е од 200 до 500 евра. Истата казна е предвидена и ако навреме не се уплати данокот или ако има грешни податоци.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img