Словенија повторно е на удар на силно невреме. Обилните дождови предизвикаа излевање на реките и се заканува опасност од нови големи поплави. Поради обилните дождови, издадено е црвено предупредување, а најмногу проблеми има општината Толмин во Башчанска Грапа.
Според податоците на словенечката Агенција за животна средина (АРСО), реките Випава и Идријца се излеваат.
Иако во текот на ноќта немаше посериозни проблеми поради водата, ситуацијата утринава се промени и водата сега, како што јави словенечката телевизија Н1, навлегува од сите страни.
Критична е ситуацијата во приморскиот град Пиран каде патот е затворен. Локалните жители веќе подготвија брани од вреќи и штици, кои треба да спречат навлегување на водата.
Моментната состојба во Пиран, словенечките медиуми ја споредуваат со онаа од 2019 година кога е забележано второто највисоко ниво на морето во последните 50 години.
Обилни врнежи утрово се регистрирани и во делови од Хрватска. Пороен дожд пропратен со силен ветер го попречува сообраќајот во Загреб, а во Ријека е поплавен дел од градот. Нивото на предупредување за Метеоаларм беше подигнато од жолто во портокалово, што најави можност за посилна бура со грмотевици со можни порои и налети на бурен ветер.