Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес рече дека има за цел да има подготвен план во ноември, за да му овозможи на Киев да одржи втор меѓународен самит за неговата визија за мир во Украина, на кој треба да присуствуваат претставници на Русија, јавува Гласот на Америка.
Украина беше домаќин на делегации од 92 земји на првиот самит во Швајцарија минатиот месец, за да го унапреди својот план за мир.
Русија, која ја нападна Украина во февруари 2022 година, не беше поканета на настанот и го отфрли како губење време.
– Поставив цел дека во ноември ќе имаме целосно подготвен план. Мислам дека претставниците на Русија треба да бидат на вториот самит – рече Зеленски на прес-конференција во Киев.
На првиот самит кој неодамна се одржа во Швајцарија се расправаше за три од 10 точки кои ги предложи Украина како мировна формула. Украинските власти соопштија дека на вториот самит ќе се разговара за планот однапред смислен од десетици земји поделени во работни групи.
Заменик министерот за надворешни работи на Русија минатата недела изјави дека Москва нема да присуствува на следниот самит. Кремљ беше помалку категоричен и рече дека „нема прецизна суштина“ во врска со идејата за втор самит.
Додека Русите напредуваат на фронтот на Исток, Украинците тврдат дека имале напредок во последните недели. Зеленски рече дека летово ја очекува првата пратка борбени авиони Ф-16 од западните земји, а повеќе вакви авиони очекува кон крајот на годината, сепак велејќи дека нивниот број нема да биде доволен за да биде на ниво со руските воздухопловни сили.
Украина соопшти дека ѝ се потребни најмалку 128 авиони Ф-16.
Истовремено, за 5 ноември се закажани претседателските избори во САД, а аналитичарите велат дека ако Доналд Трамп победи тоа може да има сериозни импликации и за преговорите за можен мир во Украина.