Лекарите предупредуваат дека луѓето со срцеви проблеми не треба да чистат снег.Комбинацијата од физички напор, температури под нулата и слабо срце може да предизвика сериозни медицински последици.
Како што пренесуваат медицинските портали, лекарите ги советуваат луѓето кои се лекуваат од срцеви заболувања да не се напрегаат кога температурата ќе падне под нулата.
„Вените се стеснуваат на ниски температури и го оптоваруваат срцето, кое мора да работи понапорно за да го снабдува васкуларниот систем со кислород“, објаснува кардиологот Томас Вигтландер.
Оние кои страдаат од срцеви заболувања се изложени на зголемен ризик нивното срце да се пренапори на ниска температура, а во најлош случај тоа може да предизвика срцев удар.
Луѓето на кои им е дијагностициран висок крвен притисок, срцев удар, коронарна срцева болест, ангина пекторис, атријална фибрилација или длабока венска артроза на ногата треба да бидат особено внимателни.
Но, тоа не значи дека не можат да бидат активни во зимските денови. Кардиолозите ги советуваат да прават лесни прошетки.
Германската кардиолошка фондација им предлага на срцевите пациенти да носат шал или маска преку носот и устата, бидејќи тоа ќе овозможи потоплиот воздух да стигне до респираторниот систем.
Кога температурата е екстремно ниска, на срцевите пациенти им се советува да не излегуваат од дома и да вежбаат во затворени простории.