More

    Секој обид за дестабилизација на државата ќе биде експресно задушен, тврдат безбедњаците

    spot_img

    ДУИ со сигурност ќе се обиде наесен да изврши дестабилизација на безбедносната состојба во Македонија, меѓутоа обидите ќе бидат слаби и навреме задушени.

    Ова го тврдат безбедносните експерти со коишто разговаравме откако во последно време почнаа да се шират гласини дека партијата на Али Ахмети планира во септември да излезе на масовни улични протести, кои, како што дознаваме, во голема мера ќе наликуваат на „Шарената револуција“ и кои би можеле да бидат насилни.

    Безбедњаците очекуваат да ни се случуваат инциденти кои ќе наликуваат на изолирани случаи, но од кои подоцна ќе произлезе дека се направени врз верска или врз национална основа.

    Немајќи ја овојпат поддршката од меѓународниот фактор, експертите не ја исклучуваат можноста ДУИ да побара „услуга“ од криминалното подземје во земјава, односно во креирањето немири да вклучи луѓе кои се занимаваат со матни зделки, продажба на наркотици, па дури и убиства.

    Од друга страна, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека полицијата ги држи цврсто конците во свои раце и дека нема да дозволи граѓаните да се почувствуваат небезбедно во сопствената земја.

    Обиди ќе има, ама неуспешни

    Универзитетскиот професор за безбедност Стефан Буџаковски во разговор за Плусинфо вели дека повеќе од очигледно е дека раководството на ДУИ наскоро ќе издаде наредба за дестабилизирање на безбедносната состојба во Македонија. Меѓутоа, како што посочува тој, намерата е прочитана и безбедносните структури во земјава веќе активно работат на превенцијата.

    Ќе се обидат наесен да направат обиди за дестабилизација на државата, меѓутоа нивната меѓународна и регионална поддршка е многу, многу слаба. Помина времето на закани и уцени.

    Стефан БуџаковскиУниверзитетски професор

    – Свесни сме дека станува збор за политичка партија која е многу добро позната по тие работи. Партијата на Али Ахмети беше 20 години на власт и за сето тоа време активно го „цицаше“ државниот буџет. Па, имајќи ги предвид сите тие благодности што ги имаа интегративците во изминатите две децении, сега очигледно тешко им паѓа фактот дека се надвор од игра. Затоа, најверојатно ќе се обидат наесен да направат обиди за дестабилизација на државата, меѓутоа нивната меѓународна и регионална поддршка е многу, многу слаба. Помина времето на закани и уцени. Сепак, секогаш треба да се има предвид дека тие под своја контрола имаат поголема група приврзаници кои можат во секое време да направат инциденти кои ќе наликуваат на изолирани случаи, но подоцна ќе излезе дека тие се направени на верска или национална основа – објаснува Буџаковски.

    Во секој случај, додава професорот, намерите на првите луѓе во ДУИ се прочитани и народот многу добро знае дека целта не им е да ги штитат интересите на Албанците во земјава, туку главната цел им е повторно да бидат блиску до државниот буџет и повторно да ги користат бенефитите на власта.

    – Во изминатите години ДУИ користеше една тактика која не е експонирана во јавноста. Земајќи раководни позиции во различни министерства и во различни јавни претпријатија во текот на двецениското владеење, тие насекаде практично „насадија“ свои кадри кои и до ден-денеска ѝ се должни на партијата и во секој момент може да се очекува да возвратат за услугата. Затоа, власта мора во скоро време да изврши една поголема анализа на ваквите состојби ако сака институциите во државата да функционираат како што треба – објаснува Буџаковски.

    Криминалното подземје на готовс

    Имавме еден процес на „дуизација“, потоа почна процесот на криминализација на државата, а сега, третиот процес е дестабилизација, коментира поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

    – Сигурен сум дека ќе има обиди за дестабилизиција на безбедносната состојба во Македонија, особено поради тоа што најавите доаѓаат од повеќе меѓународни фактори. Целта на ДУИ е да изврши дестабилизација на државата само за да се врати на власт. Тоа е нивната стратешка цел, бидејќи сфатија дека тешко можат да функционираат во опозиција, но исто така се плашат од одговорност на нивни кадри кои низ годините се длабоко навлезени во криминал и во корупција – вели Трајанов за Плусинфо.

    Ќе го ангажираат криминалното подземје, односно ќе ги вклучат сите оние луѓе кои низ годините се занимавале со матни зделки, бизниси, тендери, па и со дрога, убиства, ликвидации. Само таква структура можат тие да ангажираат.

    Павле ТрајановПоранешен министер за внатрешни работи

    Тој смета дека ДУИ во моментов нема толкава моќ за да направи голем конфликт сличен на воениот конфликт во 2001 година, меѓутоа, како што објаснува, партијата на Али Ахмети ќе се обиде преку помали инциденти да изврши дестабилизација.

    – Ќе го ангажираат криминалното подземје, односно ќе ги вклучат сите оние луѓе кои низ годините се занимавале со матни зделки, бизниси, тендери, па и со дрога, убиства, ликвидации. Само таква структура можат тие да ангажираат. А кога станува збор за организирање протести, никој не вели дека не треба да го искористат ова демократско право, но не смее да се случи тие протести да прераснат во улично насилство. Добро е што властите уште веднаш предупредија за можностите за дестабилизација. На тој начин, кога сѐ е транспарентно и јавно кажано, најдобро се превенира – објаснува Трајанов.

    Бидете спокојни, полицијата си ја знае работата

    Граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија, бидејќи полицијата и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности, смирува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

    – Точно е дека постојат информации коишто се во насока кон дестабилизирање на државата и сметам дека јавноста треба да биде запознаена со сите факти коишто се од јавен интерес, а ова е секако во интерес на јавноста. Едноставно кажано, факт е дека е тешко за некој којшто 20 години бил на власт да прифати да биде опозиција. Особено тешко е кога знае дека позади себе има огромни индиции коишто секојдневно пристигнуваат до институции во насока на сторен криминал, душмански насочен, насочен кон грабеж на државата и нормално дека ќе бидат вознемирени, нормално дека ќе гледаат да реагираат и сето тоа би било нормално доколку тоа го прават во рамки на едни демократски механизми, во делот на протести и така натаму, но не е нормално доколку нивната крајна цел е токму дестабилизација – рече Тошковски.

    И премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија.

    – Суштината на ваквите потези е да се одбрани капиталот стекнат во изминативе 20 години на власт, но не се исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет – предупреди премиерот.

    Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, пак, сѐ уште не планира да го свика Советот за безбедност по најавите дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на државата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img