Палестинскиот премиер Мохамед Штајех денеска поднесе оставка на функцијата. Како што јави Радио Слободна Европа, Штајех поднесе оставка со цел да се олесни формирањето на широк консензус меѓу Палестинците за повоените политички аранжмани во Појасот Газа.
Штајех додаде дека поднел оставка минатиот вторник, но писмената оставка ја предал денеска.
– Ја поднесувам оставката на владата до господинот претседател – рече Штајех, додавајќи дека потегот доаѓа по „развојот на настаните поврзани со агресијата во Појасот Газа и ескалацијата на ситуацијата на Западниот Брег и во Ерусалим“.
Штајех истакна дека поднесува оставка за да им овозможи на Палестинците да формираат широк консензус за политичките аранжмани по војната на Израел против Хамас во Газа.
– Одлуката за оставка дојде во светло на невидената ескалација на Западниот Брег и Ерусалим, како и војната, геноцидот и гладот во Појасот Газа. Гледам дека следната фаза и нејзините предизвици бараат нови владини и политички аранжмани кои ќе ја земат предвид новата реалност во Газа и потребата од палестинско-палестински консензус заснован на палестинско единство и проширување на единството на власта над земјата Палестина – додаде тој.
Изјавата на Штајех доаѓа во време која се зголемува американскиот притисок врз Абас да почне со работа на политичка структура која може да управува со палестинска држава по војната, пренесува Ал Џезира.