Ретка птица од видот царски орел, спасена пред неколку дена од пожарите од пожарите на Пониква, на Осоговските Планини, угинала вчера во Зоолошката градина во Скопје.
– За цело време откако беше предаден орелот во ЗОО „Скопје“, имавме комуникација со тамошните вработени. Птицата добро заздравуваше, се хранеше, ни пратија и видео и беа оптимисти дека ќе заздрави. Меѓутоа, како гром од ведро небо пристигна кратка порака дека птицата угинала и дека е однесена на обдукција на Институтот за ветерина – велат доброволците пожарникари од Кочани, кои ја спасиле птицата.
Тие стапиле во контакт директно со вработените во ЗОО „Скопје“ од каде што им било кажано дека за резултатите кои ќе ги откријат причините за настапување на смртта ќе се знаат за 7 до 14 дена.
Зоо-негувателот Војо Иванов за Плусинфо информираше што точно се случило со царскиот орел, откако птицата била преземена од нивна страна.
– Птицата беше во лоша состојба кога ја примивме кај нас. Пожарникарите ја донесоа во попладневните часовите. Верувајте, птицата не можеше да застане на нозе, тие како да ѝ беа отсечени. Се обидовме да ја нахраниме, таа јадеше и добро реагираше, но неколку часа подоцна целата храна ја поврати. За жал, во текот на ноќта птицата угина. Ќе чекаме да видиме што ќе каже официјално обдукцијата, за да ја дознаеме точната причина за смртта. Ние ѝ направивме и рендген снимка, случајно да не има олово во неа, но немаше. Во минатото имавме сличен случај со ранета птица, која исто така не реагираше со нозете и угина, бидејќи беше затруена од оловото. Не сакам да шпекулирам, но претпоставувам дека има вдишано премногу чад на местото каде што била спасена – ни одговори Иванов.
Тој изрази жалење што не успеале да ја спасат птицата, но вели дека од нивна страна било направено сè.
– Јавноста мора да знае ние направивме сè што беше во наша моќ. Иако законски не смееме да примаме животни во вакви случаи, но бидејќи сакаме да помогнеме, тоа и го направивме. За жал, нашиот одби за помош се сврти против нас. Мора сите да знаат дека како и во општеството така и кај нас, тука животните и се раѓаат и умираат. Ние се трудиме да им обезбедиме најдобри можни услови и нивниот престој тука да биде како што треба. Верувајте, правиме натчовечки напори, средствата ни се ограничени, но не се откажуваме, бидејќи ние ги сакаме животните и сакаме да им овозможиме сè да биде во најдобар ред – ни рече Иванов.
Државниот инспекторат за животна средина преку соопштение ја информираше јавноста за угинатиот царски орел.
„Државниот Инспекторат за животна средина беше известен за случајот од страна на Македонското еколошко друштво, а комуницираше и со Управата на ЗОО Градина Скопје и Факултетиот за ветеринарна медицина. Угинатата птица веднаш по угинувањето била однесена на ФВМ при УКИМ, Скопје, каде од страна на стручни лица-професори се врши обдукција за да се утврди точната причина за угинувањето“, информираа надлежните.
За потсетување, царскиот орел беше спасен од кров на викендичка на Пониква, од страна на храбрите пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани.
Тие по неколку дена го однесоа орелот во Зооолошката градина во Скопје. По пристигнувањето, птицата почнала самостојно да зема храна и вода, со што се очекувало за кратко време нејзината здравствена состојба да се подобри, за да може да се врати во своето природно живеалиште.
– Веднаш по спасувањето од громобранската инсталација, во која бил заплеткана птицата, во Кочани таа ја доби потребната интервенција од ветеринар. Потоа, беше транспортирана во Скопје, по претходен договор со Македонското еколошко друштво, чии членови повеќе години работеа на истражување на животинскито и растителниот свет на Осоговските Планини и по чија иницијатива тие добија статус на заштитен предел – изјавија пред неколку дена од ДПД „Кочани“.
Царскиот орел припаѓа на групата загрозени видови птици и се проценува дека во Македонија има само десетина двојки. Едно од неговите природни живеалишта е во околината на локалитетот Раткова Скала на Осоговските Планини. Поради пожарите кај селото Зеленград, кое е во непосредна близина на локалитетот, птицата била повредена, дезориентирана и не можела да се врати во своето гнездо.