Директорот на Албанскиот ансамбл за народни игри и ора, Шкодран Толај кој вчера беше разрешен, не спровел реаудиција на 33 уметници од Ансамблот кои биле вработени пет години, иако според Законот за култура аудиција треба да се спроведува на секои три години. Утврдено е и дека ненаменски се потрошени 177.000 денари за проектот „Балканска турнеја“ во 2023 година.
Толај не доставил и шестмесечен извештај за своето работење за второто полугодие од 2023 година, а бил должен тоа да го стори според Законот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информирајќи што констатирал инспекцискиот надзор.
Според Љутков, сега за в.д. директор е назначен Шкељким Јахи кој е од редот на вработените во Ансамблот и тој ќе распише конкурс за одново вработување на 33 уметници.
– Сфативме дека ситуацијата во Ансамблот не е добра, а тоа резултираше и со отпуштањето на 33 вработени. Направена е голема штета врз културата во Македонија. Веднаш испративме инспекција. Како што кажав и претходно, тоа траеше повеќе од десетина дена. Сега имаме назначено нов в.д. директор. Тој ќе распише конкурс за одново вработување на тие 33 уметници. Се надевам дека во наредниов период, за околу месец дена, тие луѓе ќе бидат повторно вработени, а подоцна ќе ги внесеме и во Законот што ќе ги вклучи и останатите 166 на кои им истекува работниот стаж и ќе добијат трајно вработување во текот на оваа година – објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Националниот конзерваторски центар.