Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот косовски амбасадор Флоријан Ќехаја

By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.

На свечената церемонија, претседателот Пендаровски му посака добредојде на амбасадорот Ќехаја и изрази очекување дека неговиот професионален ангажман ќе придонесе за збогатување на билатералните односи и соработката меѓу нашите две земји.

„Би сакал да Ве уверам дека особено ја цениме заложбата и интересот за соработка во делот на евро-интегративните процеси и остварување на европските аспирации за полноправно членство во Европската Унија, како стратешки приоритети на нашите две земји. Ве уверувам дека Северна Македонија секогаш ќе биде достапна и подготвена да пружи помош во Вашите ангажмани во процесот на интеграција на Вашата земја, како и за други придвижувања на надворешно-политички план, особено во делот на унапредувањето на регионалната соработка“, порача претседателот Пендаровски во поздравното обраќање и воедно изрази подготвеност за интензивирање на економската соработка со Косово.

Амбасадорот Ќехаја истакна дека ќе биде целосно посветен на натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Северна Македонија, пред сé на унапредување на трговската размена.

„И двете наши земји се соочуваат со предизвици во постигнувањето на целта да станат членки на ЕУ, од различни причини, без оглед на повремениот замор како резултат на долготрајните процеси, сепак нема да бидеме обесхрабрени“, порача новоименуваниот косовски амбасадор.

Заблагодарувајќи се за досегашната поддршка од нашата земја, Ќехаја посочи дека Косово и во иднина ќе очекува засилена поддршка за исполнување на стратешките цели во однос на членството во меѓународните организации.

„Особено ќе ни биде потребна гласна и силна јавна поддршка од Република Северна Македонија за нашите напори да станеме членка на Советот на Европа, како и во нашата амбиција да станеме дел од Партнерството за мир и подоцна од НАТО“, рече амбасадорот во обраќањето.

Ќехаја потенцираше дека активно ќе се ангажира за зголемувањето на билатералната безбедносна соработка и јакнењето на довербата со цел минимизирање на заедничките безбедносни ризици и закани.

Share This Article
Exit mobile version