Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека минатата власт не оставила ниту проекти, ниту пари за изградба на когенеративни централи, додека планот за чист воздух за кој зборуваат од 2018 бил заборавен со метар прашина на него, самите од СДСМ не можеле да го најдат. Тој додаде дека не е точно дека се намалени парите во буџетот за заштита животната средина, туку дека се поголеми од што биле.
– Каква е реалноста, што оставивте? Ниту локација, ниту проект, ниту пари, ништо. Сè уште зборуваме за истите проекти кои на времето сме ги зборувале. Врз основа на сите анализи 60% од овие ПМ 10 и ПМ 2,5 честички доаѓаат поради начинот на затоплување и согорување од фосилно гориво. Не се виновни граѓаните, таков е стандардот, алтернатива никој не им донел – рече премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска.
Мицкоски посочи дека когенеративните централи ќе бидат приоритет, дека се работи на 4 до 5 локации да бидат изградени когенеративни термоцентрали што ќе значи и затоплување преку топловодно греење и производство на електрична енергија. Но бидејќи минатата власт не оставила ништо за да се испроектира сето тоа, тендерот би започнал во 2026 година.
– Во Скопје за да ја изградиме првата под услов да не бараме приватен партнер, тендерот ќе се распише најрано во 2026 година, до тогаш треба да се сменат планови. Има локации каде има плански документации каде се предвидени такви парцели, тие се три што постојат, две во Скопје и една во Куманово. Утре да почнеме, за да го испроектираме сето тоа треба најмалку година и половина. Затоа не ги гледате средствата во овој буџет, но ако видите во функциите на државата ќе видите дека постојат за ваков тип активности да ги завршиме со прераспределба – рече Мицкоски.
Во однос на депониите премиерот Мицкоски потенцираше дека во моментот се одглавени 5 милиони евра за Дрисла од ЕУ кои биле заглавени во времето на СДСМ.
– Во моментот тече тендерот за депонија во Свети Николе финансирана од ЕУ. За години од денеска ќе речат дека е добро затоа што тоа ќе го реши проблемот во Берово и во Куманово. Отпочнат е процесот за депонија во Новаци и тоа ќе го реши проблемот од Дебар до Битола и до Новаци. Недостасува само обиколницата околу Ресен која ќе ја решиме за да не поминуваат камионите во градот, особено не кога има берба на јаболка – изјави Мицкоски.
Одговарајќи на прашањето за новите автобуси во Скопје, премиерот Мицкоски нагласи дека парите ги нема во овој буџет затоа што тие сега ќе се купат, а отплатата ќе почне во 2028 година.
– Нема да ги видите парите во овој буџет за новите автобуси затоа што ќе бидат купени, а обврските ќе почнат да доспеваат февруари-март 2028 година. Во тој буџет во 2028 ќе ги видите, затоа што условот за да влеземе во овој процес е да има најмалку 3 години грејс период и можеме да си дозволиме отприлика 100 до 120 автобуси. Тие нема да завршат само во Скопје, туку и во другите градови каде има организиран јавен превоз. Најголемиот дел ќе се во Скопје, но ние сме влада на целата држава. Ако биде сè како што треба до крајот на оваа година очекувам тендерот да биде објавен, сè ќе биде врз основа на законите – рече Мицкоски.