По силното невреме што го погоди Сиднеј, вчера 4 лица се пренесени во болница откако гром ги удрил во близина на сиднејската опера, соопштија локалните власти. Тие се сокриле под дрво во близина на позната знаменитост за време на невреме и биле погодени од гром.
Двајца мажи и две жени по ударот на гром биле пренесени во болница каде им била укажана прва помош. Властите велат дека тие се здобиле со сериозни повреди, но се во стабилна состојба.
Доминик Вонг од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс изјави за новинарите дека жртвите претрпеле изгореници и некои проблеми со срцето по инцидентот во Ботаничката градина во Сиднеј.
– Сите накратко изгубија свест. Во случај на невреме со грмотевици, не е добро да се бара засолниште под дрво – рекол Вонг, а пренесува Ал Џезира.
Сиднеј вчера го погоди силно невреме со грмотевици, оставајќи без струја повеќе од 10.000 домаќинства и бизниси. Претходно денеска, властите ја затворија главната писта на аеродромот во Сиднеј на околу 20 минути, откако гром удри во асфалтот и создаде дупка.