Позитивна вест на крајот на оваа сесија разговори во Охрид ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани. Тоа денеска од Охрид го порача претседателот Стево Пендаровски, во врска со средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, што под покровителство на ЕУ се одржува во Охрид.
За текот на разговорите и очекувањата од нив, Пендаровски рече дека не може да даде каква било проценка бидејќи, како што рече „не сме дел од преговорите, туку само домаќини“.
– Имав средби со претседателот Вучиќ и со премиерот Курти, но само се поздравив со нив и им посакав успешна работа. Тоа кажувам, не можам да знам, бидејќи не сум на маса на преговорите. Македонија е само домаќин и ве уверувам дека ќе бидеме одлични домаќини. Претпоставувам дека тоа макар малку може да придонесе за позитивен исход од овие разговори – рече Пендаровски.
Претседателот Пендаровски денеска во Охрид во претседателската вила „Билјана“ ги пречека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на работна сесија од преговорите во рамки на дијалогот на високо ниво Белград-Приштина под покровителство на ЕУ.
Пендаровски смета дека е исклучително важно што оваа работна сесија од дијалогот на високо ниво помеѓу Белград и Приштина се одвива во Охрид, бидејќи тоа е знак дека Република Северна Македонија во изминативе години покажала нетипично балканско однесување и функционира како вистинска мултиетничка демократија, што е реткост и во пошироки рамки. Ова го доживуваме како признание за постигнатото во изминатиот период и поттик на домашните политички сили да продолжат со европските реформи, за што е можно побрзо да станеме полноправна и формална членка на Европската Унија, додаде Пендаровски.
Преговорите помеѓу Белград и Приштина се исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција.