Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје попладнево беше отворено 34. издание на Саемот на книгата, кој е под покровителство на Министерството за култура. Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија се претстуваат на годинашното издание на Саемот што ќе трае до 9 мај. Фокусот годинава е ставен на детската литература односно на привлекување на најмладите читатели.
На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, а најавени се и промоции и попусти. Издавачките куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година. Ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ).
Министерката за култура, Бисера Костадиновска–Стојчевска рече дека свесни за реалноста, особено во последниве години, Министерството за култура преку Годишната програма ја поддржува издавачката дејност финансирајќи стотици и стотици публикации, а годинава близу 500-ни.
Костадиновска–Стојчевска истакна дека новата технологија влезе како добар слуга во нашите животи, но, рече таа, не смее да стане наш господар. Посочи дека дигитализацијата е одлична и корисна алатка, но таа не е оригиналот.
Али Одабаш, генерален директор на библиотеката и едиција во Министерството за култура и туризам на Република Турција истакна дека нивното Министерство има програма која се вика ТЕДА и е присутна во 85 земји на 60 јазици. Потенцира дека преку оваа програма досега имаат преведени 3.500 книги од турски на странски јазици. Исто така, посочи, и во С. Македонија дале поддршка за речиси 200 книги.