Пејачот и рапер Арон Картер почина на почетокот на ноември минатата година, а сега е позната причината за неговата смрт.
Картер починал од давење и ефектите на дифлуороетан, запалив гас кој често се користи како погонско гориво во лименки со компримиран воздух, и алпразолам, генеричка форма на ксанакс, се вели во копијата од извештајот од неговата обдукција, известува „Пејџ сикс“.
Картер беше пронајден мртов на 5 ноември во када во неговиот дом во Ланкастер, Калифорнија. Имаше 34 години.
Домашната помошничка на Картер го открила неговото тело и дека „врескала“ кога се јавила на брзата помош. Џејн Картер, мајката на Картер, претходно не верувала дека нејзиниот син починал од случајно предозирање. Таа сакала дополнително сè да се истражи.
„Никогаш тоа не го истражија како можно место на злосторство поради неговото зависничко минато“, напиша таа во март на Фејсбук.
Пријателите на пејачот тогаш изјавија дека и тие се сомневаат околу смртта на Арон.
– Секогаш беше параноичен дека луѓе го прогонуваат – рекол Брајан Кесиди, кој бил близок со Картер во последните три години.
Во меѓувреме, поранешниот менаџер на Арон, Морган Метјус се присетил дека пејачот еднаш му рекол дека луѓе го прогонуваат.
– Луѓето ме прогонуваат, ми треба помош, морам да го напуштам овој град – рекол тогаш.
Картер се прослави како дете-ѕвезда со хитовите како „I Want Candy“ и „That’s How I Beat Shaq“, а беше познат и по тоа што беше помлад брат на Ник Картер, член на групата „Бекстрит бојс“.