Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска на вонредно собрание во Скопје со акламација го избра Масар Омерагиќ за нов претседател.
Успешен стопанственик и поранешен фудбалер на Вардар и шампионската генерација на Слога Југомагнат, Омерагиќ беше единствен кандидат на вонредното изборно собрание кое се одржа во Скопје.
– Јас сум човек од фудбалот, еден од вас и знам во која насока треба да го развиваме македонскиот фудбал. Како и во фудбалот, ова е тимска работа, во која треба многу трчање и многу пот за да се постигнат целите. Со работа започнуваме веќе од утре. Имам неколку клучни точки кои ќе ги применам во мојот мандат и пред сè враќање на легендите во структурите на македонскиот фудбал – изјави Омерагиќ, најавувајќи притоа нулта толеранција за корупција во фудбалот.
Изборот на Омерагиќ на вонредното собрание преку свои претставници му го честитаа УЕФА и ФИФА, посакувајќи успеси на македонскиот клупски и репрезентативен фудбал во годините кои доаѓаат.
Изборот на Омерагиќ уследи по оставката која неговиот претходник на должноста Муамед Сејдини ја поднесе на средината од ноември, четири месеци пред да му истече вториот мандат на чело на македонскиот фудбал.
По завршувањето на вонредното изборно Собрание, Омерагиќ одржа состанок со членовите на Управниот одбор на федерацијата.
На состанокот, на предлог на Омерагиќ, членовите на Управниот одбор на ФФМ го избраа Марјан Стојкоски од ОФС Прилеп за потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија на местото од досегашниот потпретседател, Лазар Ракиџиев.
На седницата, исто така, беше констатирана оставката од функцијата генерален секретар на Наталиа Илиевска Божиновска.
За в.д. генерален секретар во Фудбалската федерација на Македонија е назначен Дрилог Ганиу, досегашен заменик на првиот оперативец во „Куќа на фудбалот“.
На предлог на новиот претседател на ФФМ, македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции.
Еден од великаните на македонскиот фудбал, Илија Најдоски заедно со нашиот поранешен репрезентативец, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Омерагиќ е седмиот претседател на ФФМ, по Алексо Кипровски, Љубисав Иванов, Ламбе Арнаудов, Харалампие Хаџи – Ристески, Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.