Украинскиот тајкун Александар Онишченко, кој од 2016 е на црната листа на САД, добил македонски пасош затоа што се занимава со трговија на гас, тврди познатиот новинар Горан Момироски. Еден од двајцата автори на емисијата „Заспиј ако можеш“ на теклевизија Алфа во рсмисијата „Само вистина“ на Канал 5 откри нови детаљи за скандалот ,,Онишченко“, пренесува порталот Експрес.
Момироски изјави дека е подготвен за своите тврдења да разговара и со Јавното обвинителство, за да се расветли како Онишченко, „човек на Путин“ како што вели новинарот, ги поминал сите инстанци во владата и добил македонски пасош, по колкава цена го продава гасот тука и колкави проивизии се делат.
Новинарот тврди дека дека не е само Агенцијата за национална безбедност одговорна за скандалот, туку и функционери на МВР, но и врвот на владата – сите кои дале дозвола за пасош за рускиот играч што сакал да го урне американскиот претседател Џо Бајден со трансфер на видео материјали за неговиот син Хантер Бајден.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави документ со потпис на началникот Јовче Ременски, којшто е дел од досието за државјанството на Олександр Онишечнко и е класифициран како доверлива информација. Во документот пишува дека лани, на крајот на ноември, Секторот за спротивставување на тероризам и насилен екстремизам на АНБ до Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар испратиле одговор за Онишченко, во кој е наведено дека Секторот не располага со материјали од противуставен и криминално штетен карактер.
Интересно е дека во гостување во „Топ тема“ на телевизијата Телма, професорката на факултетот за безбедност, Фросина Ременски, инаку сопруга на Јовче Ременски, ги повика органите сериозно да се зафатат со прашањето за истражување на причините за скандалот, за, како што рече, „да не остане да провејува она што го нарекувам инсталации на Мијалков“.
Извор на Плусинфо велат дека ова е уште еден од обидите за дефокусирање на истрагата за случајот и за отфрлање на објективната одговорност на првите луѓе на АНБ, првенствено на директорот Виктор Димовски, кој наскоро треба да замине на амбасадорска позиција во Париз.
Премиерот Димитар Ковачевски за 24 дена треба да го предложи наследникот на директорот Виктор Димовски. Но, изворот на Плусинфо тврди дека во Министерството за надворешни работи се прават проценки дали постои ризик Димовски да не добие агреман од земјата домаќин, за да амбасадорува во Париз. МНР можеби ќе сака да се поштеди од непријатности во релациите Скопје – Вашингтон, откако сегашниот дипломатски претставник на Македонија во ООН Љубомир Фрчкоски претходно не доби агреман да биде амбасадор на нашата земја во САД.
Новинарот Мимироски смета дека аферата „Онишченко“ е уште еден силен удар во грб за Вашингтон од пријателско Скопје. Тој најави дека во наредните денови ќе продолжи да открива нови детаљи за „човекот на Путин“и за неговите односи со македонските власти.