Нова трага за исчезнатата Данка Илиќ се појави синоќа во три и пол часот наутро. Во прашање е сè уште непроверена информација дека Данка Илиќ била видена во Виена во придружба на две Романки, пишуваат српските медиуми.
Српските медиуми објавија видео на кое се гледаат две жени и едно девојче за кое велат дека е исчезнатата двегодишна Данка Илиќ од Бор.
Снимката наводно е од Виена, но нема потврда кога е снимена и каде точно. На видеото се гледаат две жени со чанти кои стојат на улица, а покрај нив има мало девојче.
Од снимката не може да се утврди дали се работи за исчезнатата Данка.
Оваа информација пристигнува на шестиот ден од потрагата по малото девојче. Телеграф.рс пишува дека ова го снимил Србин од Виена, а наведуваат дека се обидел да им се обрати на жените кои го придружувале девојчето. Но, не успеале да се разберат.
Тој рекол и дека жените го повикувале девојчето, но детето не реагирало.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на аеродромот Полковник-пилот Миленко Павловиќ во Батајница изјави дека се појавила нова трага во потрагата по Данка Илиќ.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата која работи деноноќно. Кога во три и пол синоќа се појави нова трага, ме известија и мене. До пет и пол секој беше на своето место. Секоја чест за нивната посветеност, колку луѓето се борат за еден прекрасен живот. Секој божји ден. Се надевам дека ќе успеат да го расветлат и овој случај“, рече Вучиќ.