Мистериозен милијардер бара станари за својот рај на карипскиот остров.
Странските медиуми објавија оглас за работа на страницата за агенцијата за вработување „Ферфакс и Кенсингтон“ во кој еден бизнисмен нуди 160.000 фунти годишно на пар којшто ќе живее и ќе го одржува неговиот приватен карипски остров.
Нивната задача додека живеат таму е на социјалните мрежи да ја промовираат трансформацијата на островот од градилиште во луксузен рај.
Инфлуенсерите кои би ја добиле работата би заминале на тајниот остров во јануари, а своето животно искуство таму би го споделувале на социјалните мрежи. И островот и името на сопственикот би се чувале во строга тајност.
Што се бара од парот којшто ќе дојде на островот?
Совршени кандидати се оние со големо искуство во луксузното гостопримство. Покрај објавување на социјалните мрежи, нивната задача е и следење и управување со работата на објектот и случувањата на островот до завршување на проектот.
Џорџ Ралф Дан од агенцијата за вработување „Ферфакс и Кенсингтон“ вели дека целта е да привлечат кандидати надвор од својата компанија затоа што, како што вели, угостителските работници генерално немаат вештини или платформи да влијаат на голем број луѓе.
Тој тврди дека работата вредна 160.000 фунти годишно дава шанса да го „направите островот свој“ и се пошегувал дека би се пријавил доколку неговата задача не е да пронајде кандидати, пишува „Дејли Мејл“.
„Ова е вистинска можност за инфлуенсерите. Би ги спакувале своите животи и би се преселиле. Ги имате Ричард Брансон и Лари Пејџ на островите кои го опкружуваат, така што областа е обично игралиште за милијардери. Сопственикот сака да ја истакне убавината на местото и тоа е голем дел од оваа работа. Мора тоа да се снима, а потоа да се стави свој печат на тоа како сето тоа изгледа и функционира“, напоменува Дан.
Парот којшто ќе ја добие работата мора да покаже како островот се трансформирал од првиот ден кога сето тоа било градилиште, па до завршната фаза, кога сѐ е подготвено за гости.
Работата, како што велат, одговара на сите кои сакаат авантура. Островот веќе има генерален директор и инженери задолжени за градење на своите објекти.