Кетрин Зета-Џонс и Мајкл Даглас ја продаваат својата вила во Њујорк, а американската агенција за недвижности објави фотографии од луксузниот ентериер. Сместена северно од Њујорк и свртена кон реката Хадсон, куќата има четири ката, осум спални соби и 12 бањи.
– Кога го купив нашиот дом во Ирвингтон, знаев дека нашето семејство ќе сподели многу среќни времиња овде, па така и беше – изјави Зета-Џонс за „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal).
На почетокот на овој месец, глумците објавија дека нивната куќа покрај реката во приградското село Ирвингтон во округот Вестчестер во Њујорк е на продажба за 12 милиони долари.
На првиот кат има затворен базен, вежбалница и просторија за рекреација. Свечена дневна соба, салон, работна и семејна соба и кујна се исто така меѓу погодностите што ги има вилата. Кујната е направена во стил на рурална селска куќа, со ѕидови со бели плочки, мермерни површини, уреди од германскиот бренд „Miele“ и златни мотиви. Посебна просторија е двокатната библиотека со камин на дрва, од црна тула, и француски прозорци со заоблен врв.
Холивудската двојка, која се венча во 2000 година, го купи замокот за 4,5 милиони долари во 2019 година и ја реновира куќата, зачувувајќи ги нејзините изворни одлики и изглед од 1920-тите. Парот поседува и друг недвижен имот ширум светот, а вилата одлучиле да ја продадат бидејќи, како што велат – „повеќе време поминуваат на Бермудите и во Европа“.