Во отсуство на било каков став, идеја или некаква понуда за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ реши да го копира концептот на СДСМ за теренски активности, реагираше денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
– Како секоја пиратерија на ВМРО-ДПМНЕ, тоа го најавија кукавички, со копиран концепт и го објавија преку снимено видео. Наместо да излезат пред јавноста вака, на официјална прес конференција. Зошто така избрзаа знае ВМРО-ДПМНЕ, но, знаеме и ние. Без разлика дали најавата е реална или уште една од нивните плагијати, за поздравување е доколку во ВМРО-ДПМНЕ сфатиле дека мора да излезат надвор од Белиот дворец и да се соочат со граѓаните. На терен, ВМРО-ДПМНЕ ќе може директно од граѓаните да слушне за нивното катастрофално, лошото владеење со локалната самоуправа. Односно неработење на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Треба ВМРО-ДПМНЕ директно од народот да слушне за најнеспособната локална власт досега, но и да одговори зошто немаат ниту еден реализиран проект во изминатата година и половина. Толку се неспособни што и не успеаја да ги дозавршат ниту проектите кои ги наследија од минатата локална власт. Да слушнете од народот дека ги излажавте, за помали сметки за вода, за ѓубретарина и други комунални услуги, за бесплатен превоз. Дека спротивно од ветувањето ги зголемивте, и неспособните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ги ставија на грбот на народот и семејните буџети – рече Кузеска.
Симнати од белиот дворец да видат дека народот не сака блокади на Собранието среде криза, кочење на државата и попречување на реализација на врвните национални интереси, додаде таа.
– Нека слушне ВМРО-ДПМНЕ дека народот е за ЕУ, за европска иднина дома и не сака да биде заложник на радикални структури. ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека не е доволно некој концепт само да го ископираш, туку треба искрено да го чувствуваш, да ги знаеш потребите на граѓаните и реално да го спроведеш. Лоша копија на концептот на СДСМ само покажува дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаков план а нивното делување се сведува само на блокади, на деструкции и ништо повеќе. Како што најавивме уште во декември од крајот на март, во период од 3 месеци СДСМ ќе реализира теренски активности во 892 населени места. Граѓаните ќе имаат можност да видат и да споредат. Посакуваме успешна, напорна работа. Се гледаме на терен – порача Кузеска.