More

    Количината на произведената вода значително отстапува од количината на водата што е фактурираната од ЈП„Водовод и канализација Скопје“, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60 %

    spot_img

    Количината на произведената вода значително отстапува од количината на водата што е фактурираната од ЈП„Водовод и канализација Скопје“, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60 % – констатира Државниот завод за ревизија, откако изврши ревизија на финансиските извештаи на ова јавно претпријатие за 2021 година.

    Со извршената ревизија, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

    Оваа количина на нефактурирана вода, забележува ДЗР, е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје.

    Третина од корисниците немаат склучени договори

    Со извршената ревизија е констатирано дека, од вкупно 295.750 корисници на вода, до денот на известување за ревизијата, ЈП Водовод и канализација Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 30% од корисниците на услугите (89.634 корисници), што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите. Најголемиот дел од корисниците со кои не е склучен договор 97% се од категорија домаќинство, додека 3% се од категорија стопанство.

    Со извршениот увид во деловните книги на ЈП Водовод и канализација Скопје, на крајот на 2021 година, ревизорите утврдиле искажани, но неплатени обврски спрема Буџетот на Република Северна Македонија, од повеќе години наназад, во вкупен износ од 185.543 илјади денари (околу 3 милиони евра) по основ на надоместок за користење на вода и надоместок за испуштање во води.

    Меѓудругото, во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 83% од вкупната вредност на материјални средства на друштвото, при што е утврдено: нерегулирани права на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности за земјиштето и дел од градежните објекти кои во деловните книги се евидентирани со вредност од 100.729 илјади денари (околу 1,6 милиони евра), неевидентирани објекти, неусогласена евиденција и евиденција без уредна документација, што влијаат на параметрите при формирањето на цената на тарифите за водните услуги, која се формира согласно Методологијата за определување на тарифите за водна услуга и е одобрена од страна на РКЕ врз основа на официјални податоци од сметководствена евиденција на ЈП.

    Попис има, ама не е според Правилникот

    Ревизорите утврдиле дека извршениот попис на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Исто така расходуваните средства по попис, се отстранети од сметководствената евиденција, иако не се преземени натамошни мерки за нивно отуѓување или уништување.

    Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки меѓу другото во делот на обезбедување на конкуренција, еднаков третман на сите економски оператори учесници во спроведените постапки, како и на рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

    Приватните фирми плаќаат премалку за вода

    Во делот Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет истакнати се прашањата кои се однесуваат на потребата за преиспитување на донесената одлука за висината на тарифата која ја плаќа АД во приватна сопственост за извршената услуга за снабдување со вода и реално определување на нејзината вредност. Имено, во периодот од 2016 година до периодот на извршување на ревизијата, цената за услугата за снабдување со вода за пиење за едно АД во приватна сопственост е значително пониска од цената на услугата за категоријата стопанство, што допринело ЈП Водовод и канализација Скопје, за 1.020.059 илјади денари (околу 16,5 милиони евра) да оствари помалку приходи по основ на услугата за користење на вода, а со тоа за 100.883 илјади денари (околу 1,6 милиони евра) да искаже помалку ДДВ и за 22.705 илјади денари (околу 368 илјади евра) помалку да пресмета надоместок за користење на води, кој претставува приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

    Потреба од детална анализа на побарувањата од купувачи и обврските спрема добавувачи, кои бележат постојан тренд на зголемување во период од 2018 година до денот на вршење на ревизијата, што може неповолно да влијае на ликвидност на ЈП во идниот период.

    Нотари и адвокати „шмукаат“ тешки пари од „Водовод“

    Спроведена е анализа на трошоците за адвокати, нотари, извршители (правни услуги) и судски трошоци констатирано е дека во периодот од 2017 до 2021 година, трошоци за ангажирани адвокати, нотари и извршители за изготвување на нотарски платни налози за заостанати долгови кон ЈП Водовод и канализација Скопје од домаќинства и стопанство, изнесуваат вкупно 492.533 илјади денари, или приближно 8 милиони евра и судски трошоци во износ од 23.496 илјади денари (околу 380 илјади евра). Во 2021 година овие трошоци изнесуваат вкупно 116.021 илјади денари или 1,9 милион евра за 72.331 постапки, а наплатени побарувања во истата година во износ од 94.704 илјади денари, или околу 1,5 милиони евра.

    Причина за особено високите износи на трошоци за ангажирање на нотари и адвокати произлегува од член 68 од Законот за нотаријатот со кој меѓу другото е пропишано дека за парично побарување за вода и смет во вкупен износ над 6 илјади денари, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог задолжително го составува адвокат и мора да содржи адвокатски печат и потпис.

    Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје е основано во 1946 година за вршење комунална дејност како дејност од јавен интерес на подрачјето на Град Скопје. ЈП Водовод и канализација Скопје снабдува со вода за пиење население од над 600.000 жители на Град Скопје за што користи вода од две изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2 и од 7 бунари во бунарски подрачја Лепенец и Нерези.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img