Италијанската агенција за заштита на конкуренцијата соопшти дека отворила истрага за можна експлоатација на работници во синџирите на снабдување на луксузните модни брендови Армани и Диор.
Според регулаторот, модните компании во некои случаи продавале производи од работилници во кои работниците биле недоволно платени, работат подолго од пропишаното и се вработени спротивно на законот за безбедност при работа.
„Истрагата треба да покаже дали компаниите прибегнале кон нелегални работни практики во производството и продажбата на нивната скапа стока“, се вели во соопштението.
Според регулаторот, условите за работа кај добавувачите со договор се целосно спротивни со високите производни стандарди со кои се фалат Армани и Диор во своите реклами.
Медиумите информираа дека истрагата на јавното обвинителство во Милано веќе покажала дека работилниците во Италија кои произведуваат стоки за Армани и Диор ги експлоатираат работниците за производство на висококвалитетни производи по многу ниски цени во споредба со малопродажните цени.
Во средината на јуни, судот во Милано назначи специјален администратор во производителот на чанти Диор, во сопственост на француската LVMH, откако истрагата откри незаконски работни услови кај четворица негови добавувачи.
По теренските проверки и проверката на податоците за потрошувачката на електрична енергија, обвинителите заклучиле дека работниците работеле прекувремено, често долго до ноќта и за време на празници. Некои спиеле во објектите каде што работеле, немале редовни договори, а двајца илегално се доселиле во Италија.
Во април, судот презеде слични мерки против компанија во сопственост на италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани, врз основа на обвинението дека е „кривично одговорна за неуспеси“ во надзорот на добавувачите. Армани Груп тогаш рече дека секогаш се обидувале да ги „минимизираат злоупотребите во синџирот на снабдување“.