Шпионскиот софтвер „Предатор“, кој низ светот го продаваше израелската компанија „Интелекса“, а во Грција и Египет се употребувал за шпионирање новинари, дисиденти и политичари, бил нелегално развиен и продаван од Скопје, открива новинарското истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и тимот нивни колеги на „Инсајт стори“ од Атина.
Документите до кои дошле новинарите откриваат дека софтверот за следење на комуникациите, кој беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок чиновник од Израел, Тал Далијан, пишуваат во заедничкото истражување ИРЛ и „Инсајт стори“.
Според истражувањето, документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година, во кои имале увид авторите на сторијата, покажуваат дека надлежните во земјава имале информации каков вид софтвер се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонезија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји. Во декември 2021 година канадската универзитетска организација „Ситизен лаб“ открила дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење граѓани.
Како што се наведува во клучните наоди од истражувањето, најмалку пет компании кои имале врски со „Интелекса“ биле регистрирани во Скопје помеѓу 2017 и 2020 година. Две од нив – „Сајтрокс“ и „Сајшарк“ се идентификувале како развивачи и трговци на софтвер. Доверливите документи до кои дошле ИРЛ и „Инсајд стори“ покажуваат дека Владата на Северна Македонија била информирана дека „Сајтрокс“ планира незаконски да создава шпионски софтвер и поднеле апликација уште во 2017 година. Експертите со кои разговарале новинарите велат дека Владата на Северна Македонија требало да дејствува за да го запре производството, но не успеала да интервенира.
Минатата година, според истражувањето, за „Предатор“ имало прашања од собраниската Комисија за надзор врз разузнавачките служби. На прашањата од пратеници членови на Комисијата од МВР соопштиле дека се водат истражни дејствија за да се утврдат околностите во кои што бил развиван и создаван „Предатор“. До денеска пратениците надлежни за надзор врз службите не добиле информации што се случува со истрага за утврдување на околностите во кои се правеле ваквите софтвери.