Руските власти денеска соопштија дека едно лице загинало, а две електрични трафостаници и складиште за нафта се опожарени по украинскиот напад со беспилотни летала на повеќе области во Русија.
Ројтерс наведува дека овие воздушни напади следеле како одмазда откако руската армија со ракета погодила детска болница во украинската престолнина Киев, а во ракетните напади извршени низ земјата загинале над 40 лица.
Британската агенција наведува дека тоа е еден од најсмртоносните руски воздушни напади врз Украина во последните месеци.
Министерството за одбрана на Русија на Телеграм објави дека системите за противвоздушна одбрана (АВО) уништиле 38 украински беспилотни летала, од кои 21 борбено беспилотно летало над јужниот регион Ростов и 7 беспилотни летала над регионот Курск.
Ројтерс пренесува дека сè уште не е јасно колку беспилотни летала лансирала украинската армија.
На телеграмскиот канал База, кој има извори од руските безбедносни служби, беше објавено дека се слушнале експлозии во градот Калач на Дон во јужниот дел на Волгоградската област.
Гувернерот на Волгоградската област, Андреј Бочаров на Телеграм објави дека електричната трафостаница и магацинот за нафта се запалиле од делови на украински беспилотни летала уништени од руските сили за воздушна одбрана.
На социјалните мрежи се појави видео кое наводно е направено во градот Калач на Дон, на кое се гледа директен напад со беспилотно летало врз веќе запалено складиште за нафта.