Енергетската криза ги фрли во втор план грижата за животната средина и за борбата со климатските промени. Намалувањето на испораките на рускиот гас поради војната во Украина и санкциите кон Русија, ги принудуваат земјите да се враќаат на традиционалните цврсти и „валкани“ извори на енергија. Преминувањето на обновливи извори на енергија, како соларната, енергијата на ветар и слично, оди со бавно темпо, и засега не може значително да ги задоволи енергетските потреби и не ја решава енергетската криза. Задачите од европската Зелена агенда, која уште пред две години ја потпишаа и земјите од Западен Балкан, сега се во втор план, зад потребата да се обезбеди енергија и да се избегнат прекините во снабдувањето во текот на зимата што претстои.
Борба за секој киловатчас
На ужас на екологистите, од почетокот на кризата Германија отвори три од своите конзервирани термоелектрани во источниот дел од земјата, иако уште во 2018 година ги затвори последните рудници за камен јаглен во областа Рур, како дел од европскиот план до 2015 година да се затворат сите термоелектрани и да се намалат емисиите на јаглерод. Дури 50 отсто од своите потреби за јаглен Германија ги задоволуваше со увоз од Украина и од Русија, но од август годинава, повторно поради санкциите, Европската Унија го забрани увозот на јаглен од Русија. Планот на Германија да ги отвори своите застарени рудници на лигнит и да ги реактивира термоелектраните беше јасен сигнал за цела Европа – Зелената агенда ѝ го отстапи приматот на борбата за секој киловатчас енергија, без оглед на потеклото.
Со оглед на ваквиот развој на настаните, не е изненадување што и македонското електростопанство се обидува да го зголеми своето производство, пред сѐ со зголемување на увозот на мазут и јаглен и активирање на сите расположиви капацитети за тоа. А и немаше друг избор, зашто со години се зборува, но воопшто не се инвестира во изградбата на неколку хидроцентрали.
Според податоците кои што кон средината на август ги изнесе генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, во првите седум месеци од годинава ЕСМ произвело 2.194 гигават часови електрична енергија, или за 15% повеќе од истиот период лани, а целиот план за производство за 2022 година предвидува 20-процентно зголемување во однос на лани. Производството на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј е зголемено за 40%, а кај хидроелектраните има намалување на производството за 25%. Зголемен е ископот на јаглен во рудниците Суводол и Брод Гнеотино, како и увозот на јаглен од соседните земји. Од почетокот на годинава набавени се 550.000 тони за РЕК Битола, а во тек е отворена набавка за уште 600.000 тони. Залихите на јаглен изнесуваат околу 100.000 тони, а месечно се набавуваат по околу 50.000 тони. Се прават и залихи за мазут за ТЕЦ Неготино, кој веќе работи со еден котел, а во текот на зимата, сигурно ќе биде активиран и вториот.
Мантрите за обновливите извори засега во втор план
Сите овие информации ги загрижуваат македонските екологисти. Тие со години укажуваат дека нашите термоелектрани работат без соодветни дозволи и планови за заштита на животната средина. ТЕЦ Неготино работи, а нема А-интегрирана дозвола и непречено загадува во област на интензивна земјоделска активност. РЕК Битола и Осломеј исто така немаат дозволи, но барем изработиле планови и програми за вградување заштитни филтри и преземање други мерки. ТЕЦ Неготино го нема ни тоа, зашто според Стратегијата за заштита на животната средина беше планирано да се затвори, но околностите ги сменија плановите.
Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан, има долгорочен проблем со загадувањето на водите, воздухот и почвите. Загадениот воздух, според официјални студии, годишно убива до 3.000 жители во земјата.
За Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, нема сомнение дека ова е „одење наназад“.
– Енергетската криза, а како последица на неа, зголеменото користење на јагленот и мазутот, дефинитивно ќе го зголеми аерозагадувањето и другите облици на загадување. Во нашата Енергетска стратегија се предвидува постепено преоѓање на обновливи видови енергија, за што имаме потенцијал, но доцниме со имплементација – вели Чоловиќ Лешоска.
СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИТЕ ИЗГУБИЈА СМИСЛА, ДРВО ЗА ЕНЕРГЕТСКА СИРОМАШТИЈА
Ана Чоловиќ – Лешоска потсетува дека ќе има и зголемена потрошувачка на огревно дрво, што е еден од поголемите извори за аерозагадување.
Таа укажува дека цената на струјата, па и на огревното дрво, која исто така е висока, ќе ја зголеми енергетската сиромаштија на населението, која кај нас и онака беше висока. Лешоска е загрижена и за планираното зголемување на потрошувачката на мазут во текот на зимата, кој исто така во голема мера придонесува кон загадувањето, а го користат институциите и индустријата.
Дали воопшто ќе има струја?
Според Јане Димески, советник во општина Центар од коалицијата „Шанса за Центар“, оваа зима може да биде важна лекција за сите нас. Освен лошите страни на кризата, тој укажува дека може да има и поинакви ефекти. Тој исто така очекува зголемено загадување поради поголемото користење на мазут и јаглен, но вели дека главно прашање оваа зима ќе биде дали воопшто ќе има струја.
– Прво, мислам дека сите ќе сфатиме дека мора да штедиме електрична енергија. Мора да се навикнеме поекономично да ја користиме. Ете, веќе се воведени некои мерки и препораки и тоа е добро. Има можности за штедење, и тоа пред се кај јавните институции. Друго што мислам дека може да се случи, со оглед на високите цени на горивото, да имаме помасовно преоѓање на алтернативни форми на транспорт и помало користење на возилата, што може да помогне да се намали аерозагадувањето. Тоа треба да се комбинира со зголемување на капацитетот на јавниот транспорт, за да има поголем ефект, но засега тоа го нема – вели Димески.
Тој укажува дека сега ќе се види колку е важно тоа што со години се доцни со воведувањето мерки за енергетската ефикасност и за премин кон обновливи извори на енергија.
– Огромен број објекти немаат термички фасади, некои немаат никакви, па тоа ќе го направи греењето оваа зима многу скапо, а штедењето ќе биде тешко. Се доцни со поставување фотоволтаици и сончеви колектори. Се надевам дека во вакви моменти ќе се тргне во поорганизирано и помасовно нивно поставување, пред се на јавни објекти и згради, и ќе се видат предностите на тие алтернативни извори – вели Димески.
Цвета нелегалната сеча на шумите
Тој е исто така загрижен што кризата со струјата и нејзината цена драматично ја зголемија побарувачката за огревно дрво.
– Ова е многу опасна работа. Податоците укажуваат дека се зголемува продажбата на огревно дрво, а јавното претпријатие што стопанисува со шумите ЈП Национални шуми, со години не го зголемува производството за да ги намали трошоците. Тие со легалната сеча не успеваа да ги задоволат ниту 60 отсто од потребите. Тоа значи дека се огромен дел од тие дрва за огрев годинава доаѓаат од дива сеча, а таа се врши стихијно, без обезбедување услови да се обнови шумскиот фонд. Сето тоа ќе има големи последици на подолг рок – вели Димески.
Тој е уверен дека ќе имаме тешка зима, но барем се надева дека ќе извлечеме, како држава и како народ, корисни искуства.
– Со години ги читам извештаите за климатските промени и сценаријата кои се предвидуваат на краток, среден и долг рок и тие одамна предупредуваа на огромните последици и врз животната средина и врз економијата. А ако гледате кои мерки биле предлагани пред 10 или 15 години, ќе видите дека ништо од тоа не е применето. Тоа само кажува дека воопшто не гледаме долголрочно. Ќе биде ова тешка лекција, но очигледно ние не учиме ништо додека нешто не нѐ удри по глава – вели Јане Димески.