Носејќи преврска што делумно му го покрива десното уво, американскиот екс-претседател Доналд Трамп во понеделникот вечерта се појави во јавноста за прв пат откако преживеа обид за атентат во текот на викендот, пишува Гардијан.
Трамп направи драматичен влез при гласните овации. Тоа беше прва вечер на митингот во Милвоки во Висконсин, државата која според статистиките може да му донесе голема победа ноември.
Луѓето скандираа „САД!“ и „Борете се, борете се!“, алудирајќи на неговите зборови што ги кажа на митингот во Пенсилванија во саботата само момент откако беше погоден од атентаторот и му беше раскрвавено увото.
Трамп им се придружи на новинарот Такер Карлсон, Бајрон Доналдс и Џеј Ди Венс, кого претходно истиот ден го именуваше за свој потпретседател. Ако Трамп победи во ноември, Џеј-Ди Венс ќе биде еден од најмладите потпретседатели во историјата на САД.
Говорниците на митингот го поздравија тоа што Трамп го преживеа атентатот како побожен чин. Тие, исто така, понудија една поделена слика за Америка: земја во опаѓање под Џо Бајден, опкружена со зголемените цени на намирниците и становите, додека политичарите повеќе се занимаваат со недокументирани имигранти и трансродови прашања.
Говорниците на митингот се обидоа да насликаат спротивна визија за Америка во годините кога Трамп беше претседател, тврдејќи дека таа тогаш била просперитетна земја каде што овие проблеми не постоеле.
Поддржувачите и републиканските делегати, некои со солзи во очите, со часови го чекаа појавувањето на поранешниот претседател, кое официјално не беше наведено во распоредот за денот на отворањето на конвенцијата, но беше нашироко очекувано.