МВР соопшти дека се преземени дисциплински мерки за двајца полициски службеници од граничниот премин „Долно Блаце“ во врска со преминувањето на Артан Груби на државната граница. Едниот, полицискиот службеник Б.Ј., според МВР, со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки на патничкото возило „мерцедес“ со кое се превезувал Груби и не го евидентирал за остварување излез од државата. Патниците од предметното возило, А.П., со дипломатска патна исправа како возач, и А.Г., со македонска патна исправа како совозач, полицискиот службеник Б.Ј. ги завел дека пешки ја поминале границата.
Вториот полициски службеник, кој добил дисциплинска мерка, е раководителот на смена Б.А.
Како што информира МВР, Б.Ј. е воедно суспендиран до завршување на дисциплинската постапка.
„Во врска со преминувањето на државната граница на Граничниот премин ‘Долно Блаце’ од страна на А.Г., иако имал активна мерка на стоп листа ‘задржи и веднаш извести’, на 15 декември 2024 година Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС) постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП ‘Долно Блаце’, утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило ‘мерцедес’ при премин на државната граница на излез од РСМ и не го евидентирал за остварување на излез од РСМ. Патниците од предметното возило, А.П., со дипломатска патна исправа како возач, и А.Г., со македонска патна исправа како совозач, ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка ‘задржи и веднаш извести’, туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на чл. 12 т.1, чл. 13 с.1 т.8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина“, информира МВР.
Во врска со настанот, Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано оддление за гонење кривични дела, сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција, доставил известување заради запознавање на јавниот обвинител.
„ОВККИПС утврдил и дека раководителот на смена, Б.А., сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Тој имал обврска навремено да ги задолжува и да ги раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, полициските службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш. пријавиле дека МССК не им работат зашто им се испразниле батериите. Од раководителот на смена, Б.А., овие полициски службеници не биле задолжени со други МССК бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС, исто така, беше утврдено дека од страна на раководителот на смена, Б.А., откако МССК биле вратени, не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција. Тој не ја пополнил и графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК“, наведува МВР.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и против Б.А.