Демократскиот сојуз ја повика власта да организира парламентарни избори за да се проверат политиките кои се нудат.
Партијата ја обвини власта дека вчера на најголемиот македонски национален и државен празник, Илинден, државниот врв држел говори, далеку од народот, со силно полициско обезбедување и со одбрани гости.
„Имаше обид да се злоупотреби овој светол празник, да се повикува на илинденците и на востанието за наводно да покажеме и сега храброст за да се промени Уставот, за Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.
Многу е несоодветно било кој да се споредува со илинденците или со партизаните и да се повикува на народот, а истовремено да се бега од народот или да се направи нешто што 80% од народот не го прифаќа.
Доколку сакате да водите исправни политики, да спроведувате реформи и да создавате услови за подобар живот за сите граѓани, тогаш организирајте парламентарни избори. Барајте поддршка, не бегајте, не се сокривајте од народот!
Со политички блефови, театар, манипулации и злоупотреба на историските настани, нема да победите ниту ќе направите реформи, а уште помалку ќе обезбедите сполотеност и единство. Ќе ‘купите’ некој ден повеќе да бидете на власт, но народот ќе ве казни!“, се наведува во реакцијата на Демократскиот сојуз.
Оттаму додаваат дека неспорно е дека членството во ЕУ е наш национален, стратешки и државен интерес, но дека токму државниот врв „нѐ заглавил на тој пат со прифаќање неприфатливи услови, со коленичење и сервилност, без консултации со народот, без стратегија и поширок политички консензус“.