Дали ќе се врати задолжителниот воен рок во Македонија?

By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Темата за задолжителното служење воен рок повторно се актуелизира на Балканот, особено по одлуките на Србија и на Хрватска да го реинтегрираат овој систем во своите вооружени сили.

Ова прашање, кое предизвикува голем интерес и контроверзии, се поставува и во Македонија, каде што дискусиите за враќање на воениот рок се поларизирани помеѓу поддржувачите и противниците на оваа идеја.

Македонија го укина задолжителниот воен рок во 2008 година, преминувајќи на професионализација на вооружените сили. Земјава стана членка на НАТО во 2020 година. Многу експерти сметаат дека овој чекор е дел од модернизацијата на армијата и дека, со оглед на поддршката и соработката со НАТО, земјата не се соочува со директни безбедносни закани кои би го оправдале враќањето на задолжителниот воен рок.

Сепак, има и такви што тврдат дека ваквиот потег би имал позитивни ефекти, не само во однос на зајакнувањето на одбранбените капацитети, туку и како можност за младите да стекнат важни животни вештини, како дисциплина, тимска работа и одговорност.

Од Министерството за одбрана за Плусинфо велат дека прашањето за воведување задолжителен воен рок постојано се актуелизира во последните неколку години, но дека главниот збор го има Генералштабот.

– Проценките на Генералштабот се дека во моментов немаме потреба за воведување задолжително служење војска – брифираат од Министерството за одбрана.

Добри и лоши страни

Според експертите, воениот рок може да обезбеди поголема подготвеност на населението во случај на криза или конфликт.

Крајно време е да се донесат некои важни одлуки и да се подобри состојбата. Одбраната на државата и безбедноста на граѓаните нема цена.

Златко КузмановЦентар за интегрирана безбедност

Во време на зголемени геополитички тензии, додаваат тие, поголема воена подготвеност може да биде од корист за националната безбедност, а и ваквата служба може да промовира чувство на заедништво и патриотизам кај младите.

Од друга страна, посочуваат познавачите, постојат и лоши страни од воведувањето задолжителен воен рок, како што е финансискиот товар за државата, одржувањето и опремувањето на армијата, обезбедувањето услови за илјадници војници, но и ограничувањето и нарушувањето на индивидуалните права и слободи на граѓаните.

- Advertisement -

Златко Кузманов од Центарот за интегрирана безбедност смета дека е време властите во Македонија да почнат да размислуваат за враќање на задолжителниот воен рок.

– Одбраната на Република Македонија е право, обврска и должност на секој граѓанин, а таа обврска се остварува согласно закон. Така барем стои во Член 28 во Уставот, но ние тоа во моментов не го остваруваме. Согласно Законот за одбрана, имаме доброволно служење војска кое веќе неколку години не функционира и младите немаат интерес. Исто така, имаме и можност за служење во резервниот состав на Армијата, но таа компонента не ни е развиена. Но, согласно новите безбедносни закани, влошувањето на безбедносната состојба, војните во светот, сметам дека крајно време е да се донесат некои важни одлуки и да се подобри состојбата. Одбраната на државата и безбедноста на граѓаните нема цена – изјави Кузманов.

Одлуката за воведување задолжителен воен рок, објаснуваат безбедњаците, би требало да биде резултат на темелна анализа на моменталните и идни безбедносни предизвици со кои Македонија би можела да се соочи, како и на капацитетите и потребите на вооружените сили.

- Advertisement -

Кошмар за младите, ќар за државата

Универзитетскиот професор по безбедност и поранешен национален координатор за гранично управување Владимир Пивоваров за Плусинфо вели дека служењето војска чини многу пари, но бенефитите за државата се многу поголеми.

– Со години зборувам за тоа колку е корисно да се воведе задолжително служење воен рок во земјава. Луѓе, па кој ќе нѐ брани? Губиме воена моќ како држава. Кога пред неколку години ја поддржав ваквата идеја, тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска рече дека не сме имале потреба за задолжително служење воен рок бидејќи сме имале професионална војска. Точно е, имаме професионална војска, но таа е минимална и таа може да одговори на некоја закана од минимален размер. Меѓутоа, ако постојат закани од сериозен размер, една земја-членка на НАТО треба да има капацитет сериозно да се справи со тие закани. Служењето војска чини пари, но бенефитите се многу поголеми. Младите ќе научат што е тоа ред и дисциплина, корист за државата, а ќе бидат и обучени за справување со елементарни непогоди. Војската ќе ги врати младите во нормален колосек, иако тие не го сакаат тоа. Отпорот од младината ќе биде голем, бидејќи тие не сакаат да одат во војска. Но ете, гледате дека Србија и Хрватска лесно се справија со овој проблем, бидејќи таму силата на законот се покажа поголема од желбата на младите да го одбијат задолжителното служење војска – објаснува Пивоваров.

Младите ќе добијат конкретна обука како да ракуваат со огнено оружје, да знаат како да се заштитат од напад со атомско оружје, ќе научат што е тоа ред и дисциплина, а не само да седат во кафуле по цели денови и да пијат кафиња

Владимир ПивоваровУниверзитетски професор

Тој вели дека трошоците за задолжителен воен рок се големи, но голем е и ќарот на државата.

– Мора да се обезбедат доволно пари, бидејќи мора да се купува храна, пијалаци, да се обезбедат услови за престојување, да се платат обуките, едукацијата, кадрите кои ќе ги едуцираат младите војници… Сето тоа ќе биде товар за буџетот, ама ако сакаме да постигнеме нешто, тогаш мора и да вложиме. Како и да е, враќањето на задолжителниот воен рок е предобар проект и треба час поскоро да профункционира. Секако, денешното служење воен рок ќе биде илјадници пати поразлично од она традиционалното од наше време, а и самото служење би траело 75 дена наместо 9 или 12 месеци. Младите ќе добијат конкретна обука како да ракуваат со огнено оружје, да знаат како да се заштитат од напад со атомско оружје, ќе научат што е тоа ред и дисциплина, а не само да седат во кафуле по цели денови и да пијат кафиња – објаснува Пивоваров.

Во кои земји-членки на НАТО се служи задолжителен воен рок?

Неколку земји-членки на НАТО сè уште имаат задолжителен воен рок. Овие земји ја задржале оваа пракса поради различни безбедносни и стратегиски причини. Еве некои од нив:

Грција – Задолжителната воена служба е на сила за сите мажи на возраст од 18 до 45 години, а времетраењето е околу 9 месеци.
Турција – Турција има задолжителен воен рок за сите мажи над 20 години, со времетраење од 6 до 12 месеци, во зависност од образованието.
Норвешка – Има задолжителен воен рок за сите граѓани (машки и женски), со времетраење од 12 месеци.
Естонија – Воениот рок е задолжителен за мажите и трае од 8 до 11 месеци, зависно од типот на служба.
Данска – Има задолжителен воен рок за мажите со времетраење од 4 до 12 месеци, но многу мал број се повикани поради релативно малиот број потребни регрути.
Литванија – Повторно го воведе задолжителниот воен рок во 2015 година, и времетраењето е 9 месеци за мажите на возраст од 18 до 26 години.
Летонија – Во 2023 година воведува повторно задолжителен воен рок поради зголемената загриженост за регионалната безбедност.

Овие земји го задржуале задолжителниот воен рок поради историски и геополитички фактори, како и потребата за одржување  воена подготвеност.

Хрватите ќе служат два месеца

Хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана, Иван Анушиќ, изјави дека воениот рок, што како обврска се враќа во земјата од 1 јануари следната година, ќе трае два месеца.

– Воениот рок ќе трае два месеца, ќе започне од 1 јануари 2025 година и едноставно ќе продолжиме да правиме сѐ што сме правеле досега во комуникацијата со јавноста. Ги зголемивме платите на војниците, подофицерите и офицерите, нивните материјални права, не само преку лични примања, туку и преку дневници и сѐ што им следува – изјави Анушиќ за хрватски РТЛ.

Во 2008 година Хрватска привремено ја прекина задолжителната воена служба и оттогаш таа е доброволна.

Меѓутоа, по руската агресија врз Украина и сѐ потешката воено-политичка ситуација, Хрватска почна да размислува за враќање на задолжителниот воен рок.

За Србите задолжително, за Србинките доброволно

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ минатата недела изјави дека како врховен командант и претседател ја потпишал согласноста за вршење редовен воен рок од 75 дена.

– Сакам да верувам дека Владата на Србија ќе ја донесе таа одлука. Сакам да верувам дека сите разбирате колку ни треба силна армија, уште колку оружје ќе треба да купиме, да правиме, да создаваме. Затоа што не е наша желба да нападнеме некого. Ниту ќе го направиме тоа. Но, нашата желба е да ги одвратиме сите оние кои секојдневно ни се закануваат – рече Вучиќ.

Вучиќ неодамна изјави дека државата размислува да воведе воен рок во траење од 60 плус 15 дена, кој би бил задолжителен за мажите, а жените ќе можат доброволно да служат.

Share This Article
Exit mobile version