Замрзнат е имотот на потпретседателката на Европскиот парламент, Гркинката Ева Каили, која заедно со уште три лица примале подароци и пари во висина од 600.000 евра. Имотот на Каили е во Грција, а за веста објави дописничката на МИА од Атина. Се смета дека земја од Персискиот залив, наводно Катар, пробала да ја подмити ЕУ преку оваа институција.
Апсењата поради наводна корупција во Европскиот парламент се „многу, многу загрижувачки“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
И ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени рече дека обвиненијата против четири лица се „многу штетни“.
Меѓу средствата кои ги пронајде белгиската полиција во вкупно 16 претресувања, пронајдени биле и компјутери и мобилни телефони.