More

    Борел порача дека иднината на нашата земја е во ЕУ

    spot_img

    Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска од Скопје порача дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на Европската Унија и оти само заедно сме силни да се соочиме на тешката геостратешка околина во која се наоѓаме.

    Досега, како што кажа, состаноците на ССА се одржуваа во Луксембург, а денеска за првпат воопшто го одржавме Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје, бидејќи, како што кажа, сакавме да покажеме колку го цениме прогресот на Северна Македонија на нејзиниот пат.

    Ова е, како што рече Борел на прес-конференција во Владата по одржувањето на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западен Балкан се и ќе продолжат во иднина да бидат важен дел од нашата геополитичка димензија.

    Оливер Вархеји, евроамбасадор за проширување нагласи исто така дека е важно државата да не забави, туку да ја забрза својата работа на реформите. Најави забрзување на темпото на работата за пристап на земјата во ЕУ, но исто така нагласи дека треба „и Владата и Собранието да ја забрзаат работата на реформите“. Побара поддршка од граѓаните, бидејќи како што кажа на Европа и треба ваквата поддршка.

    – Како прво секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ – рече Вархеји.

    Еврокомесарот за проширување нагласи дека доколку Северна Македонија испорача и ги исполни условите за влез во ЕУ ќе има позитивни одлуки од страна на ЕУ.

    Тој на прес-конференцијата истакна дека 16. Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кој прв пат се одржува во Скопје, го покажал високото ниво на ангажман, кое ЕУ го има со Северна Македонија и силните врски со земјата.

    – Тоа исто така треба да се разбере како силен политички сигнал од нас, од ЕУ кон Северна Македонија, без разлика дали станува збор за спроведување на ССА, што е основата на нашите односи или пак станува збор за нашите економски, политички односи или, пак, е самата перспектива на државата насочена кон ЕУ. Тоа што го симболизира овој состанок е дека Северна Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ – истакна еврокомесарот за проширување.

    Премиерот Ковачевски го оцени состанокот како успешен и истакна дека Република Северна Македонија нема сомнеж дека оди по европскиот пат.

    На прес-конференцијата изрази задоволство што е домаќин на 16. состанок по отворање на преговорите лани и оти бил направен пресек на состојбите, бил утврден направениот прогрес на земјата во подготвките за преговорите.

     

    – Денес со европските партнери имавме можност да направиме пресек на состојбите, да го утврдиме направениот прогрес на земјата, како и спроведените реформи во подготовката за нашето членство во Унијата. Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од ЕУ со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции за динамичен преговарачки процес и за полноправно членство во ЕУ – рече премиерот Ковачевски.

    Според премиерот, на состанокот е поздравен нашиот силен фокус кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди, а поздравени се и политиките на добрососедство што ги водиме, како што рече, „преку зрел и одговорен пристап базиран на меѓусебно почитување и дијалог со отфрлување на популизмот како штетен на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан“.

    – Северна Македонија практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот европски пат – истакна Ковачевски.

    Работата на Владата, според премиерот, е поставена на линија на европската агенда.

    – Јас и сите ние во Владата веруваме дека РСМ во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес во ноември со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и во 2030 година да станеме земја – членка на ЕУ. Имаме уверување од ЕУ дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија – рече Ковачевски.

    Во делот на реформите, потенцира тој, Владата е подготвена да работи и заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.

    – Во ЕУ како и за земјите претенденти за членство вклучително и за нас клучни се поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност. На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава – рече Ковачевски.

    На прес-конференцијата тој истакна дека РСМ направи јасен стратешки избор кога се постави целосно и недвосмислено на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ што е оценето како посебно важно во новиот геополитички контекст и војната на европскиот континент поради руската воена агресија на Украина.

    – Високо се цени и нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година со што Северна Македонија активно придонесува за мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст. Потврда за тоа е и што утре преговорите помеѓу Србија и Косово ќе се одвиваат токму во нашата држава – рече премиерот Ковачевски.

    Советот за стабилизација и асоцијација, додаде тој, го поздрави и склучениот договор со ФРОНТЕКС за што потсети дека е прв договор потпишан на македонски јазик и сите други јазици на ЕУ помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

    – Заедно со земјите членки на ЕУ ќе учествуваме во оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС во Северна Македонија и ова е само еден пример што значи почетокот на преговорите со ЕУ, а што донесе исто така и европска финансиска поддршка за нашата држава во услови на глобална криза во висина од 80 милиони евра неповратни финансиски средства, 100 милиони евра макрофинансиска помош со поволна каматна стапка, како и над 50 милиони евра помош за инвестиции во инфраструктурата – рече Ковачевски.

    Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.

    Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img