More

    Бизнисите се задолжуваат за преживување, после ќе мислат на развојот

    spot_img

    Крајниот потрошувач ќе ги плати каматите на кредитите кои ги земаат бизнисите, коментираат бизнисмени по зголемувањето на основната каматна стапка на 2 отсто од страна на Народната банка и во очекување банките да ги зголемат своите камати на кредитите. Сепак, тие додаваат дека мерката за стабилизирање на инфлацијата негативно ќе се одрази на ликвидноста на компаниите, со оглед дека тие веќе се финансиски исцрпени поради кризата и ако нема можности Владата да ги помогне, тогаш последиците ќе бидат далекусежни.

    Статистиката на Народната банка за мај покажува дека бизнис секторот на годишна основа се задолжил за 11,9 отсто повеќе кај банките, а само за еден месец долгот пораснал за 0,5 отсто.

    И покрај ваквото задолжување кај банките, бизнисмените велат дека не е можно, посебно во сегашни услови кога цените на енергенсите и суровините брзо се менуваат, да работат без да земаат кредити. Но, повисоките камати на позајменото, ќе значи удар врз ликвидноста на компаниите.

    – Во градежништвото, па мислам и во другите сектори во услови на сегашната криза, не може да се работи без кредити. Секој објект поголем од 5.000 квадратни метри, и посебно над 15.000 квадратни метри не може да се гради без кредит. Состојбата е уште посложена сега кога цените на градежните материјали се менуваат многу често, па за да се почне објект и да се гарантира одредена цена, мора основните градежни материјали да се купат однапред. Нема компанија која може сето тоа да го покрие од сопствени пари, а тоа значи дека мора да земе кредит по која и да е цена. Но, како и секаде така и во градежништвото каматата на тој кредит ќе мора да ја плати крајниот потрошувач во повисока цена на станот. Колку ќе биде успешна продажбата толку ќе биде полесно и плаќањето на ратите – вели Никола Велковски од Инком инженеринг.

    Велковски вели дека најчесто компаниите имаат кредити кои се со променлива каматна стапка.

    – Лошо е тоа што кога земаш кредит со одредена каматна стапка не си сигурен дали кога ќе го завршиш кредитот ќе имаш неколкукратно повисока камата. Но бизнисот мора да работи за да опстане, а потребата од пари е секојдневие во овој сектор – додава тој.

    – Банките имаат изградено заштитен штит и секоја промена која се случува во општеството, па и оваа со кризата, секогаш завршува на грбот на компаниите бидејќи се оставени на ветрометина без никаква заштита- додава тој.

    Од Комората на северозападна Македонија, пак, велат дека владата мора да размислува за мерки со кои ќе ја помогне ликвидноста на компаниите и да внимава кога носи одредени мерки колку тие ќе влијаат на работата на компаниите и нивните финансиски можности.

    – Секако дека зголемувањето на каматните стапки е една од мерките против инфлацијата преку која се цели да се постигне намалување или стабилизирање на потрошувачката која потоа директно ќе влијае врз степенот на побарувачката со што понудата ќе ги ублажи цените. Но, ситуацијата со кризата е многу сложена бидејќи инфлацијата е како последица на конфликтот во Украина и глобалната криза на енергенси, што значи дека Владата ќе треба да ги помогне компаниите да ја одржат ликвидноста, бидејќи сите мерки и ограничувања се ставени во грбот на компаниите а од друга страна тие не се помагаат доволно и соодветно со цел тие да ги зачуваат работните места, нивната оперативна способност, но и зачувување на позициите во домашниот но и странските пазари – вели Дурим Зеќири, управител на Стопанската комора на северозападна Македонија,

    Тој додава дека Владата доколку е потребно, треба да најде решенија и алтернативи за ликвидни средства за компаниите, особено кога станува збор за производителите, бидејќи тие можат да имаат последици кои може да бидат долгорочни и ненадоместливи.

    Економисти, пак, очекуваат поради поскапите кредити, компаниите да го намалат задолжувањето кај банките за инвестиции и развој, но затоа, пак, и натаму ќе се задолжуваат за да ја преживеат неизвесноста поврзана со растот на цените на енергенсите и на суровините.

    Според нив, од повисоките камати на кредитите во ризик ќе бидат оние компании кои имаат кредити со променливи каматни стапки со што и нивното задолжување ќе порасне.

    Досега само две од комерцијалните банки во земјава најавија зголемување на каматните стапки на депозитите, без да прецизираат дали и каматите на кредитите ќе претрпат нагорна промена, како резултат на зголемувањето на основната каматна стапка.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img